Век за наука и образование
Со пригодна свеченост, доделување на признанија, во присуство на претседателката на Македонија Гордана Силјановска Давкова, на повеќе откупни претпријатија, денеска во Прилеп беа одбележани 100 години од постоењето на Институтот за тутун, како научна институција, во рамките на Универзитетот Св. Климент Охридски“.
Поздравувајќи ги гостите д-р Валентина Пеливаноска, директор на Институтот за тутун истакна дека тутунот е култура што има посебно место  и значење во земјоделското стопанство,  како и во извозот и има значење за економијата и социјалниот аспект.
-Институтот за тутун е водечки центар, место каде се негува  научната мисла, место каде се поттикнува креативноста, се селекционираат сорти тутун, што е од витално значење за економијата. Низ вековното постоење Институтот за тутун има сериозен пристап кон производството на тутун. Единствена државна институција сме за производство на сертифицирано тутунско семе. Она што посебно импонира е нашата репутација. Имаме и акредитирани лабаратории, а даваме и стручна  контрола за квалитетот на почвата, тутунот…  Човечкиот капитал и интелектуалните ресурси се во основата на институцијата. Овој капитал треба да се надградува, а институцијатра да се подмладува, зашто неговата иднина зависи од нови млади кадри кои треба да ја продолжат науката. Имаме и втор и трет циклус на студии во рамките на Универзитетот Св. „Климент Охридски“ – истакна д-р Валентина Пеливаноска.
Честитајчи го јубилејот претседателката Гордана Силјановска Давкова истакна дека се одбележуваат еден век  наука и образование, илјадници страници долга и сеуште недопишана приказна за тутунот, низа успеси дома и надвор!
– Оваа уникатна научно-образовна институција продолжува да биде импулс на знаењето и поттик на потрагата по нови решенија за унапредување на земјоделството и одгледувањето на тутунот, како и справување со климатските закани по прозводството, но и здравствените ризици. Научниот институт за тутун – Прилеп не е само одговорен чувар на  стекнатото знаење, туку и посветен актер во неговото продлабочување.  Длабоко вкоренет во срцето на тутунопроизводната индустрија, овој институт се издвојува како познат и ценет познавач и квалификуван и почитуван фактор при решавањето на суштинските проблеми во производството и обработката на тутунот.  Со врвна технологија и акредитирани лаборатории, Научниот институт за тутун неуморно стимулира и подржува иновации и истражувања, како во своите простории, така и надвор од нив. Овозможувајќи производство и дистрибуција на висококвалитетен семенски материјал, како и вршење биолошки испитувања на средства за заштита на растенијата, институтот постојано ја унапредува својата стручност, овозможувајќи развој на тутунопроизводството. Во својата посветеност кон квалитетот, Научниот институт за тутун ги следи процесите за контрола на квалитетот на почвата, водата, ѓубривата и растителениот материјал, како  неизоставен чекор при постигнувањето највисоки стандарди во производството – рече претседателката Силјановска Давкова, при тоа потенцирајќи дека 100 години постоење, еден век знаење, упорност и иновации е голем успех, вреден за одбележување .
Ка.М.