Фото: „Нова Македонија“

Косово

Ветувањето на Косово дека нема да ги распореди своите безбедносни сили на северот на земјата без претходно одобрение од НАТО е сѐ уште во сила, иако мандатот на тие сили во меѓувреме е променет! Ова го изјави Бесфорт Рецај, професор по меѓународно право на Универзитетот во Приштина, за Радио Слободна Европа. Тој објаснува дека изјавите или декларациите на една држава се сметаат за обврзувачки.
– Косово мора да го почитува тоа ветување додека истото тоа не биде сменето од премиер или друг претставник на Косово – тврди Рецај.
Во 2013 година Хашим Тачи, во својство на премиер на Косово, разменил писма со тогашниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во кои тој се обврзал дека Косовските безбедносни сили (КБС) нема да бидат распоредени на северот на Косово – каде што живее мнозинското српско население – без претходна согласност од мисијата на НАТО во Косово (КФОР).
„Во име на Владата на Република Косово, гарантирам дека КБС ќе преземе мисии на северот на Косово само со претходно одобрение на КФОР“, се наведува во писмото потпишано од Тачи на 19 април 2013 година.
– За НАТО, КБС не се промени, но ние ги сменивме нив, односно нивната мисија преку законски измени – изјави за Радио Слободна Европа Авни Арифи, поранешен шеф на кабинетот на поранешниот премиер Рамуш Харадинај.
Тој забележува дека во 2018 година КБС започнала со трансформација во војска на Косово, што не било случај во времето на размената на писма со НАТО.
За потсетување, на Тачи и на уште неколкумина поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во Хаг им се суди за злосторства врз цивили во периодот од почетокот на војната во Косово во 1998 до крајот на 2000 година. Р.С.