Авторката Илина Мангова за „Градоначалник“
Понекогаш малите уши на децата не ги собираат големите зборови на возрасните. Всушност, тие не ги разбираат. Со цел да им помогне на децата да ги разберат, а на родителите и наставниците полесно да ги објаснат комплицираните зборови, како политика, еманципација, екологија, идентитет и слично, издавачката куќа „Арс ламина“, под импринтот за деца „Либи“, ја почна новата едиција „Големи зборови за мали уши“. Со оваа едиција учиме големи зборови преку мали приказни од секојдневието. Ги подготвуваме децата за светот што ги чека. Првиот наслов од оваа едиција е сликовницата „Градоначалник“ од авторката Илина Мангова, со илустрации на Александар Сотировски.
Според уредничката Оливера Ќорвезироска, текстот е мошне свеж и различен, поинаков од нештата со кои постојано се соочуваме, од нештата што постојани се нудат во оваа издавачка куќа.
– Видовме дека текстот засекува длабоко со актуелното секојдневие и во состојбите со децата, со образованието, со „лудото“ време во кое живееме и ни требаше малку време да го обмислиме во поширок издавачки контекст – истакнува Ќорвезироска.
Мангова открива дека идејата за приказната се родила кога учителката на нејзиниот син во градинка, Весна Пецeва, ги поканила родителите да бидат родители учители на еден ден и да им ја претстават својата работа на децата.
– За мене ова беше голем предизвик, бидејќи работам на политички теми преку соработка со политички актери и институции, што беше комплицирано и неинтересно да им го доловам на деца од претшколска возраст. Ми текна дека можам да им доловам некој демократски процес што ним ќе им биде разбирлив и истовремено интересен. Најопиплив процес за таа цел ми беа изборите за градоначалник бидејќи децата имаат претстава за околината во која живеат и можат лесно да разберат дека луѓето што живеат на едно место избираат некој – градоначалник, што ќе биде „главен“ за тоа место и ќе биде одговорен за тоа како изгледа таа околина и да ја одржува. Смислив приказна за град по името на групата од градинка, четири кандидати за градоначалник, направив гласачка кутија и ги пречекав децата на моето работно место. Откако им ги претставив кандидатите на децата, тие можеа тајно да гласаат за еден кандидат. На крајот заедно ги броевме гласовите и можеа да видат кој победил. На децата им беше многу интересно, а по некој ден сфатив дека имам едукативна и забавна приказна и доволно текст што можам да го доработам во текст за сликовница – рече Илина.
Главниот лик во оваа богато илустрирана книгичка е малиот Тигран, кој од својата мајка добива одговор на прашањата – што е тоа градоначалник, што се избори и гласање. Преку јазик разбирлив за децата, таа му ги објаснува овие големи зборови и процесот на гласање за нов градоначалник. Ова издание е корисен прирачник за сите родители, наставници и едукатори, кои сакаат да им ги поедностават овој сложен збор и професија, но и да им помогнат да го разберат светот околу себе.