Петмина лански победници се во трка за признанијата и годинава
ФУДБАЛ
Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги објави номинираните за годишните награди „најдобар“ во категориите за фудбалер, фудбалерка, голман, голманка, тренери на тимови за мажи и за жени, најубави голови во двете конкуренции, избор на најдобрите 11 на годината… Гласањето преку интернет-страницата на Светската фудбалска федерација трае до 10 декември, објави ФИФА.
Номинирани за најдобар фудбалер се Дани Карвахал, Ерлинг Холанд, Федерико Валверде, Флоријан Вирц, Џуд Белингем, Килијан Мбапе, Ламине Јамал, Лионел Меси, Родри, Тони Крос и Винисиус Жуниор, во категоријата тренер ќе се тркаат Карло Анчелоти, Лионел Скалони, Луис де ла Фуенте, Пеп Гвардиола и Чаби Алонсо, а меѓу голманите во игра за наградата се Андриј Лунин, Давид Раја, Едерсон, Емилијано Мартинез, Џанлуиџи Донарума, Мајк Маињан и Унаи Симон, пишува ФИФА.
Во категоријата за најдобра фудбалерка се номинирани Аитана Бонмати, Барбра Банда, Каролин Греам Хансен, Кира Волш, Кадија Шо, Лорен Хемп, Линдзи Хоран, Луси Бронз, Мелори Свонсон, Мариона Калдентеј, Наоми Гирма, Она Батле, Салма Паралуело, Софија Смит, Табита Чавинга и Тринити Родман, во конкуренција за наградата за најдобар тренер се Артур Елиас, Елена Садику, Ема Хејс, Футоши Икеда, Герет Тејлор, Џонатан Гиралдез, Сандрин Собејранд и Соња Бомпастор, а меѓу голманките се номинирани Алиса Нејхер, Ен-Катрин Бергер, Ајака Јамашита, Ката Кол и Мери Ерпс, пишува ФИФА.
Меѓу номинираните за годинава, наградите на ФИФА лани во своите категории ги освоија Меси, Едерсон, Гвардиола, Бонмати и Ерпс, а од годинашните кандидати, лауреати во изборот за „златна топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“ годинава во категоријата за фудбалери беа Родри и Бонмати, Јамал меѓу младите играчи, Мартинез кај голманите, Анчелоти и Хејс меѓу тренерите… Н.М.