„Лиминални простори – лиминални тела“ во Охрид

Уникатен културен настан што ги спојува танцот и филмот ќе се одржи утревечер, со почеток во 20 часот, на малата сцена во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид. Во организација на здружението „Медиа артес“, настанот е дел од последниот работен пакет „Напуштени места“, во состав на проектот „Сиот свет е сцена – имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање општествени прашања и предизвици“.
Настанот ќе започне со проекцијата на краткиот експериментален филм „Лима“ (13 минути), кој низ танцовиот медиум се обидува да им вдахне живот или да им даде поглед од нов ракурс на неколку простори во Охрид, кои припаѓаат на модернистичкото наследство. Режисерот Батухан Ибрахим и кореографката Ивана Балабанова го осмислија и го создадоа овој филм, кој, играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на овие простори, слушајќи ги нивните приказни и следејќи ја емоцијата, филмот креира еден нов свет во кој носталгијата се претвора во надеж.
Извршна продуцентка е Јасмина Билаловиќ, концептот е на Ивана Балабанова, Батухан Ибрахим и Јасмина Билаловиќ, режијата е на Батухан Ибрахим.
По филмската проекција, публиката ќе има можност да го погледне танцовиот перформанс „Лиминално тело-2“, дело на кореографката Ивана Балабанова. Овој перформанс го истражува концептот на лиминалност како одраз на современото човечко искуство. Вкоренет во танцот, но збогатен со влијанија од музиката и театарот, делото го истражува внатрешниот пејзаж на поединци, кои егзистираат во состојба на постојана трансформација, фатени меѓу транзициите и кои се борат да се приспособат во светот што ги обзема. „Лиминално тело-2“ не е само апстрактен концепт туку одговор на притисоците на модерниот живот – обид да се ослободиме од културните, социјалните и капиталистичките ограничувања.
Играат: Тереза Лазарев и Стефани Шааршмит. Кореографијата е на Ивана Балабанова, музиката на Алесандро Ола, а сценографијата на Мартин Манев.
Вечерта ќе заврши со краток разговор со авторите, кој ќе им овозможи на присутните да ги споделат своите впечатоци и да добијат увид во креативниот процес потребен за создавање на овие дела. Влезот за настанот е бесплатен, но потребно е претходно да се резервира место. Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Швајцарија и Министерството за култура и туризам на Македонија.