Постигнат договор помеѓу Владата и банките, се отвора патот за кредитни линии и продуктивни инвестиции во стопанството
Од неколку банки веќе имаме потврда и очекувам најголем дел од нив да застане зад проектот и конечно 250-те милиони евра од унгарскиот заем да му бидат поделени на македонското стопанство, порача вчера премиерот Христијан Мицкоски.
– Договорена е каматна стапка од 1,95 отсто, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Ценам дека е ова историски договор со историска најниска каматна стапка – истакна премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој нагласи дека компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество за да добијат кредит, а максималниот износ што можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.
– Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти што ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба – порача премиерот Мицкоски. Р.С.