ФОРМУЛА 1
Макс Ферстапен од Ред Бул стана светски шампион во Формула 1 по четврти пат, откако ја обезбеди титулата за 2024 година со петтото место на трката за големата награда на Лас Вегас во САД, вчера. Ферстапен сега има 403 бода, недостижни 63 бода повеќе од второпласираниот Ландо Норис, на две трки до крајот на сезоната.
Ферстапен (27) е шестиот возач во историјата на тој спорт што освоил најмалку четири светски титули. Михаел Шумахер и Луис Хамилтон освоија по рекордни седум трофеи, а аргентинската легенда од 1950-тите Хуан-Мануел Фанџо има пет, пред Ален Прост, Себастијан Фетел и сега Ферстапен со по четири. Ферстапен сега им се придружува на Хамилтон, Фанџо и на Фетел како четврти возач што освоил четири титули по ред. Само Шумахер постигна серија од пет титули во низа, пишува „Скај спорт“.
– Тоа беше долга сезона. Се разбира, почнавме неверојатно, но потоа имавме тежок период. Но како тим останавме заедно, продолживме да работиме на подобрување. Неверојатно сум горд на сите, на она што го направија за мене. И да се застане тука како четирикратен светски шампион е секако нешто што никогаш не мислев дека е можно. Така, во моментов се чувствувам само олеснето, на некој начин, но и многу гордо – рече Ферстапен, пренесе „Скај спорт“.
Во четирите шампионски сезони (годинава останаа уште две трки) Ферстапен имаше 88 трки, 52 победи, 59 процент на победи, 70 трки по кои се качи на подиумот, оствари 37 пол-позиции 37, шест трки не ги заврши…, пишува „Скај спорт“.
На трката во Лас Вегас победи Џорџ Расел, пред Луис Хамилтон, двајцата од Мерцедес, а трет беше Карлос Саинц од Ферари. Потоа следуваа Шарл Леклер од Ферари, Ферстапен, Ландо Норис од Мекларен… Н.М.
НАЈМНОГУ ТИТУЛИ ВО Ф1
ВОЗАЧ ТИТУЛИ ГОДИНИ
Михаел Шумахер 7 1994, 1995, 2000-2004
Луис Хамилтон 7 2008, 2014, 2015, 2017-2020
Хуан-Мануел Фанџо 5 1951, 1954-1957
Ален Прост 4 1985, 1986, 1989, 1993
Себастијан Фетел 4 2010-2013
Макс Ферстапен 4 2021-2024