Македонските боксери освоија вкупно девет медали, од кои две злата, едно сребро и шест бронзи, што претставува огромен успех
БОКС – БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО
Македонските боксери Ален Рустемовски (категорија до 75 кг) и Ружди Рустемовски (до 60 кг), членови на БК Пелистер јунак, се закитија со златни медали во сениорска конкуренција на Балканското првенство во Лозница (Србија).
Во финалната борба Ален Рустемовски го победи Украинецот Денис Роздолски со 4-1, додека Ружди Рустемовски по жестока борба славеше против домашниот претставник Стефан Чамовиќ со 3-2.
Од семејството Рустемовски, третиот брат Ардијан, во категоријата младинци, освои сребро откако во финалето загуби од Украинецот Максим Зименко. Претходно со бронзени медали се закитија македонските претставници, сениорите Ебуталип Агушев, Лука Трифуновиќ, Тарик Весели, Димитар Ѓорески, Наум Стојаноски и Енис Алиу.
Најуспешна беа српските боксери и боксерки со вкупно 12 медали, од кои 10 златни и два сребрени, во конкуренција на 13 држави (Македонија, Србија, Австрија, БиХ, Хрватска, Молдавија, Црна Гора, Романија, Словенија, Украина, Албанија, Грција и Бугарија).
Претходно, во 2019 година, Гоце Јанески во Анталија (Турција) го прекина повеќегодишниот пост на балканијадите со освоен бронзен медал, односно по славните олимпијци Аце Русевски и Реџеп Реџеповски, а две години подоцна и Јасин Лама се врати со бронза од Балканијадата во Загреб (Хрватска). Г.И.