Фото: Маја Јаневска-Илиева

Еквилибристика на Европската комисија заради поголема контрола на заедничкиот фонд на ЕУ од 1,2 трилион евра

  • Реформите ќе ѝ помогнат на Фон дер Лајен да ја зацврсти својата контрола врз распределбата на буџетот, со зајакнување на единицата за наплата, која таа директно ја надгледува
  • Финансиската поддршка во пракса често завршува во рацете на консултанти и, сè повеќе, на меѓународни организации за да изготват студии за тоа како да се спроведат реформите и тоа е, според извор од ЕК за „Политико“, една машина за готовина. Според изворот на медиумот, „фондот ги заобиколува националните влади и им ги предава парите директно на аналитички центри или на меѓународни организации, како што е, на пример, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД)“…

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, има намера да ја зацврсти контролата врз заедничкиот фонд на Европската Унија (ЕУ) од 1,2 трилион евра преку внатрешно реструктурирање на одделите на Европската комисија, во текот на својот втор мандат, кој ќе почне на 1 декември, откако политичките семејства на европскиот блок завчера го постигнаа долгоочекуваниот договор за комплетирање на нејзиниот тим.
Фон дер Лајен очекува и голема реконструкција на персоналот во ЕК. Според прописите, речиси 200 функционери од Одделот за реформи на Комисијата треба да се спојат со одделот одговорен за фондот на ЕУ по ковид-пандемијата. Предвиденото реструктурирање има цел да го олесни проширувањето на моделот „пари за реформи“ на Европската комисија, првично применет на нејзиниот фонд за закрепнување, како и на нејзиниот следен седумгодишен буџет, кој треба да стапи во сила во 2028 година. Но тоа исто така ќе ѝ помогне на Фон дер Лајен да ја зацврсти својата контрола врз распределбата на буџетот, со зајакнување на единицата за наплата, која таа директно ја надгледува.

Реномираниот медиум „Политико“ ги скенира претстојните „реформи“

Според новите прописи што ги објави претседателката на Комисијата, земјите ќе треба да спроведат клучни економски реформи во замена за пристап до нивниот дел од финансирањето на ЕУ.
За да ја постигне својата визија, Фон дер Лајен предложи воспоставување планови за земјите членки на ЕУ, кои ги поврзуваат исплатите со реформите и инвестициите. Но предлогот на Комисијата што ги утврдува таквите реформи, кој се очекува да биде претставен во втората половина на 2025 година, сепак треба да биде едногласно одобрен од сите 27 земји членки на ЕУ.
Официјалните лица веруваат дека овој потег, доколку биде во одобрен, ќе ѝ ја пренесе моќта на Фон дер Лајен на сметка на комесарот за регионално финансирање, кој моментно го контролира Одделот за реформи.

Машината за готовина да прави уште повеќе пари

Големиот ремонт на одделите во Европската комисија не беше сосема неочекуван. Шпекулациите за потенцијалното реструктурирање или затворање на Одделот за реформи првпат се појавија во јуни, откако одделот не успеа да именува наследник по заминувањето на својот главен службеник, поранешниот генерален директор Марио Нава. Одредени претставници на Комисијата, исто така, приватно го сметаат Одделот за реформи за скапа институција за одржување.
Главната задача на одделот досега беше да издвојува пари за да ги направи поефикасни националните и регионалните бирократии. Наменскиот фонд од 864 милиони евра со кој Одделот за реформи располага во текот на седумгодишен период, кој истекува во 2027 година, досега има поддржано околу 1.800 проекти, кои се протегаат од даночни до образовни реформи.
Критичарите, пак, велат дека финансиската поддршка во пракса често завршува во рацете на консултанти и, сè повеќе, на меѓународни организации, за да изготват студии за тоа како да се спроведат реформите.
– Тоа е машина за готовина – рече претставник на Комисијата, истакнувајќи дека фондот ги заобиколува националните влади и им ги предава парите директно на аналитички центри или на меѓународни организации, како што е, на пример, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Се смета дека основањето специфична единица за обнова во ЕК го маргинализира Одделот за реформи, чија цел беше да следи дали националните власти во земјите членки на ЕУ ги исполнуваат барањата на извршната власт во Брисел. Р.С.


Новиот состав на Европската комисија е одраз на отклонот кон десно во ЕУ

Од септември, шефицата на европската влада, Урсула фон дер Лајен, внимателно ги избираше своите 26 комесари (по еден од 27-те земји членки на Европската Унија, додека таа е комесарка на Германија), за да ги консолидира сопственото владеење над Комисијата и креирањето политики на ЕУ. Таа назначи шест извршни потпретседатели (Каја Калас од Естонија, Рафаеле Фито од Италија, Роксана Минзату од Романија, Стефан Сежурне од Франција, Тереза Рибера од Шпанија и Хена Виркунен од Финска) за да раководат со преостанатите комесари.
Со овој нов состав, Комисијата го одразува наклонот на ЕУ кон десно, уште од европските избори во јуни, каде што десницата и крајната десница остварија придобивки во клучните земји членки, како што се Италија, Франција и Германија. ЕПП и Фон дер Лајен остануваат на врвот со 14 комесари, додека продолжуваат да склучуваат договори со левицата и десницата.


Лесниот избор на еврокомесарите е одраз на затапување на механизмот за контрола и надзор од страна на Европарламентот

Постигнатиот договор за назначување на еврокомесарите става крај на релативно благата игра на моќ меѓу две институции на ЕУ, во која ниту еден комесар не беше одбиен, па дури и не беше побарано да се врати на второ сослушување. Тоа е првпат од 1999 година да не биде одбиен ниту еден кандидат за комесарска функција. Се смета и за чекор за назадување за парламентот, кој вообичаено ја држеше под контрола моќта на Комисијата преку отфрлање одредени кандидатури или барем преку дополнителни сослушувања за одредени кандидати за еврокомесари. Р.С.