Фото: „Нова Македонија“

Нервозната реакција на првите луѓе на интегративците е само затоа што косовскиот премиер Курти всушност го демистифицира деструктивното сценарио на ДУИ за некаква загрозеност на Албанците во земјава, на Охридскиот рамковен договор и на албанскиот јазик, но истовремено многу повеќе ги погодува фактот дека ја губат поддршката од Приштина и од Тирана, особено во момент кога дел од раководството на ДУИ се соочува со можни обвиненија за воени злосторства, како и за коруптивни дејства

Наративот околу загрозеноста на правата на Албанците во Македонија што изминатите неколку месеци упорно се обидува да го наметне Демократската унија за интеграција (ДУИ) не наидува на плодна почва ниту меѓу членството на интегративците, а уште помалку меѓу другите граѓани од албанска етничка припадност во земјава, но и пошироко во регионот.
Ако претходно ДУИ ја уживаше поддршката од политичките раководства во Тирана и во Приштина за многу прашања, повеќе тоа не е случај, бидејќи и на политичарите во Албанија и во Косово им е јасно дека корумпираните политичари во никој случај не можат да работат во интерес на Албанците во Македонија и секаде во регионот.
Последната таква порака дека ДУИ всушност шири обична хистерија околу загрозувањето на Охридскиот рамковен договор и укинувањето на правата на Албанците во Македонија стигна од косовскиот премиер Албин Курти, кој за време на неодамнешната заедничка прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски рече дека нема впечаток дека какви било јазични права на Албанците во Македонија се загрозени откако ДУИ не е во власта.
– Во Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку закон за употреба на јазиците… Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но во Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана. Ова не е вистина – рече Курти.
Тој уште додаде дека работа на македонскиот Уставен суд е да се изјасни за три одредби од Законот за употреба на јазиците што се доставени до Венецијанската комисија.

– Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд треба да го оцени тоа – истакна Курти.
На ваквите ставови на Курти реагираше Бујар Османи од ДУИ, поранешен министер за надворешни работи на Македонија, оценувајќи ги како „скандалозни“.
– Изјавата на Курти за јазиците е скандалозна, многу штетна и охрабрувачка за сите оние што сакаат да го поништат Охридскиот договор, особено неговата точка за албанскиот јазик. Тоа прашање беше регулирано со измена на Уставот по Охридскиот договор во 2001 година – изјавил Османи за косовската телевизија Дукаѓини.
Нервозната реакција на првите луѓе на интегративците е само затоа што косовскиот премиер Курти всушност го демистифицира деструктивното сценарио на ДУИ за некаква загрозеност на Албанците во земјава, на Охридскиот рамковен договор и на албанскиот јазик, но истовремено многу повеќе ги погодува фактот дека ја губат поддршката од Приштина и од Тирана, особено во момент кога дел од раководството на ДУИ се соочува со можни обвиненија за воени злосторства, како и за коруптивни дејства.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека ДУИ како партија веќе е прочитана од сите и повеќе не ужива ничија поддршка.
– Партијата ДУИ е прочитана книга и се виде дека се само бизнис-партија за бенефиција за највисокиот ешалон и тоа веќе никаде не поминува. Тие веќе ја изгубија и таа мала поддршка што ја имаа некогаш – вели Пекевски.
Според него, ставот на Курти отсекогаш бил поблизок до владиниот коалициски партнер Вреди и затоа нема намера да ги поддржува сценаријата што во Македонија ги креираат интегративците, а кои и онака немаат никаква основа.
И другите аналитичари со кои разговаравме сметаат дека изјавата на Курти за јазикот и за некаквото загрозување на правата на Албанците ги демаскира вистинските намери на водството од Мала Речица да предизвика реакција на албанската заедница во земјава само за да го задржат сопственото политичко влијание и да се спасат од евентуален кривичен прогон.
– Курти е прагматичен политичар, колку тоа некому да му се допаѓа или не. Тој добро знае дека ДУИ повеќе не е никаков фактор и нема зошто да дава поддршка на измислици што се креирани само одредена политичка гарнитура да се врати на власт во Македонија. Се виде на каков одглас кај меѓународниот фактор поминаа писмата што ги испраќаше Ахмети, така што нема зошто косовскиот премиер да влегува во приказната на интегративците, со кои и онака не е на иста линија – заклучуваат соговорниците.