Можам да пренесам од лично искуство дека претставува голема чест и задоволство да се настапува за Македонија и е голема привилегија да се носи националниот дрес. Без разлика на резултатот, вие секогаш ќе бидете најдобрите од Македонија. Гордо да ја претставите државата, да бидете горди претставници на македонскиот ракомет, рече меѓу другото министерот за спорт Ристовски
ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2024
Најважно е да го дадете својот максимум и гордо да ги претставите Македонија и македонскиот ракомет на претстојното Европско првенство, им рече министерот за спорт Борко Ристовски на репрезентативките и на членовите на стручниот штаб на женската ракометна репрезентација на Македонија.
Министерот Ристовски заедно со претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, и со генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски, ги поздрави репрезентативките пред заминувањето за Пореч (Хрватска), каде што ќе ги одработат завршните подготовки пред ЕП 2024.
– Најважно е да го дадете својот максимум на ова Европско првенство. Ќе почувствувате можеби и позитивен притисок, бидејќи цела Македонија ќе ве гледа, ќе навива за вас. Многу е важно да отидете подготвени, да жртвувате дел од себе и од своите емоции, покрај спортскиот квалитет, да дадете нешто за својата држава. Можам да пренесам од лично искуство дека претставува голема чест и задоволство да се настапува за Македонија и е голема привилегија да се носи националниот дрес. Без разлика на резултатот, вие секогаш ќе бидете најдобрите од Македонија. Гордо да ја претставите државата, да бидете горди претставници на македонскиот ракомет. За сe` што ви треба ние сме тука како министерство и како држава да ви помогнеме и сите недостатоци доколку ги има, да се обидеме заедно да ги надминеме и да ги исправиме. Без разлика дали сме таму со вас или овде, сите ќе ве следиме и ќе навиваме. Останете здрави, успешни и позитивни. Со среќа на ЕП – изјави Ристовски, пренесе Министерството за спорт.
Македонската репрезентација во Пореч (Хрватска) ќе учествува на турнирот „Кроација куп“, што ќе биде последна проверка пред настапот на ЕП 2024, кое ќе се одржи од четврток до 15 декември во Унгарија, Австрија и во Швајцарија. Турнирот почнува денеска, со натпреварот Хрватска – Македонија (16 ч.), утре Македонија ќе игра со Србија (16 ч.), а в недела ќе се сретнат Хрватска и Србија.
На ЕП 2024 Македонија во групата А ќе игра во Дебрецин (Унгарија), со Шведска (28 ноември, 20.30 ч.), Турција (30 ноември, 20.30 ч.) и со Унгарија (2 декември, 18 ч.). Првите две селекции од секоја од шесте групи продолжуват во втората групна фаза. Македонија седми пат ќе учествува на ЕП, а петпати била дел од светските првенства. Г.И.