ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2024

Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов ја оствари четвртата победа на 24. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах во Петровац (Црна Гора), откако во деветтото коло со бели фигури го надигра 18-годишниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) од Азербејџан, Широглан Талибов (2.415, рангиран 167.). Во отварањето „Игра на даминиот ловец“, противникот се предаде во 81-от потег, откако во средишницата остана со квалитет помалку (два топа против топ и коњ) и заканувачки пешак на а7.
На две кола пред крајот на ЕП 2024, Романов (2.584 рејтинг-поени, рангиран 54. пред почетокот на ЕП) е на 28-то место, со шест поени (по четири победи и ремија и еден пораз, рејтинг-перформанс 2.674 поени и освоени нови 11,5 рејтинг-поени). Во вчерашното 10-то, претпоследно коло, Романов со црни фигури играше со интернационалниот мајстор од Турција, Ата Умут Акбас (2.466, рангиран 125.). По девет кола, на ЕП 2024 и понатаму приматот на табелата со осум поени (седум победи и две ремија), со рејтинг-перформанс од 2.896 поени, не го дава ВМ од Србија Александар Инџиќ (2.624, рангиран на 33-то место), кој во ова коло со црни фигури на првата табла го победи Иван Чепаринов (2.632, рангиран 26.) од Бугарија. Со еден поен помалку зад водечкиот се шест шахисти. Г.И.