Двајца маскирани мажи упаднале во замокот Виндзор додека принцот Вилијам, принцезата Кејт и нивните деца спиеле во нивниот дом во Аделаид Котиџ, кој се наоѓа во неговата непосредна близина, пишува Дејли мејл. Инцидентот се случил минатиот месец, кога провалниците ја прескокнале оградата висока 1,8 метри и со украден камион ја пробиле безбедносната капија.
Од шталата на фармата Шо, која е во безбедносната зона на замокот, украдени се пик-ап возило и квад. Тие потоа избегале преку оштетената безбедносна врата, која семејството често ја користи како излез од нивната резиденција. Овој инцидент се случи откако вооружените полицајци беа отстранети од главните влезови на замокот поради недостаток на квалификувани службеници и загриженоста на туристите за присуството на вооружени чувари.
Иако на имотот биле поставени аларми, упадот бил откриен дури кога провалниците ја пробиле безбедносната бариера. Од полицијата потврдија дека се уште никој не е уапсен и дека истрагата се уште е во тек.
Семејството на принцот Вилијам се преселило во Аделаид Котиџ од палатата Кенсингтон во 2022 година. Претходниот безбедносен инцидент на имотот беше регистриран на Божиќ 2021 година, кога маж со самострел ја прескокна оградата со намера да ја убие тогашната кралица Елизабета Втора, за што подоцна беше осуден на девет години затвор.