Изложбата „Ќе ме (С)нема! – Ода за Преспанско Езеро“ на Кети Талевска Бакревска ќе биде отворена денеска, во 20 часот, во Офицерскиот дом во Битола.
Изложбата отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанско Езеро. Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, кои ги изработува самата авторка. Впрочем таа е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса туку и форма на активизам, глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството, кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети Талевска Бакревска ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите екосистеми.