Неодамна во рамките на издавачката куќа „Артконект“ е објавена познатата илустрирана книга „Северозападниот ветер“ од Зденко Башиќ, кој, според издавачот, е еден од најталентираните, најоригинални и најпродуктивни хрватски илустратори. За оваа книга авторот ја има добиено наградата „Киклоп: книга на годината за деца и млади“.
Книгата „Северозападниот ветер“ е резултат на посетата на одредени предели што авторот ги открил во своето детство и народни приказни и верувања, кои со години и години биле пренесувани усно од една на друга генерација. Читателот во оваа книга ќе сретне приказни за виленици, самовили со опојна убавина, водни луѓе, суштества со големи екстремитети, со долги коси замрсени од ветерот и пламени очи – цела низа суштества што читателот, без оглед на возраста, веднаш ги препознава затоа што се дел од колективното несвесно, од заедничката традиција што го обединува човештвото преку неговата имагинација.
Зденко Башиќ е роден во 1980 година во Загреб. Дипломирал на Катедрата за анимиран филм и нови медиуми на Академијата за ликовни уметности во Загреб. Покрај со анимиран филм, се занимава и со илустрација, па досега илустрирал неколку книги за деца, меѓу кои и најновите изданија на бајките на Андерсен и на Грим. Добитник е на повеќе значајни награди за илустрација.
Оваа книга е објавена во рамките на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“ што издавачката куќа „Артконект“ го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Преводот е на Владимир Јанковски.