ЧЕТИРИЕСЕТГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ НА АНТОЛОГИСКИОТ ФИЛМ НА ВИМ ВЕНДЕРС
Четириесет години по премиерата на „Париз, Тексас“ (1984), режиран од Вим Вендерс и со сценарио на Сем Шепард, овој фестивалскиот класик и понатаму останува како еден од најзначајните наративни и визуелни бисери во историјата на кинематографијата.
Филмот не е само уште едно остварување на германскиот режисер туку врв во кинематографската уметност, незаборавен визуелен и емоционален наратив. Спојувајќи ја американската пејзажна култура со европската егзистенцијалистичка чувствителност, Вендерс создава длабоко медитативно дело за загубата, љубовта и повторната врска меѓу луѓето.
Помирувањето и универзалната тематика
Една од најголемите привлечности на „Париз, Тексас“ лежи во неговата универзална тема за човековото искупување. Нема едноставни одговори – филмот не нуди целосно затворени кругови, но нуди пат за реконструкција на идентитетот и семејството. Драмата на Травис не е само индивидуална. Ситуацијата го отелотворува и конфликтот на генерации, што дополнително го зајакнува влијанието на филмот. Иако не е прв филм што го истражува односот помеѓу родителите и децата, „Париз, Тексас“ се издвојува со својата искрена и тивка хуманост, која не бара оправдување за своите ликови. Тие се едноставно луѓе што се обидуваат да живеат и во својата трауматична потрага тие можат да најдат помирување.
„Париз, Тексас“ е филм за потрагата по изгубеното, за несфатливата осаменост и болката што ги следат луѓето што ги напуштиле своите најблиски. Травис, ликот што го игра незаборавниот Хари Дин Стентон, е човек што се враќа од бескрајот на пустината, симбол на неговото духовно отуѓување. Како што се одвива нарацијата, тој се обидува да воспостави контакт со својот син Хантер, со кого одамна го изгубил односот, а подоцна и со својата сопруга Џејн, ликот на прекрасната Настасја Кински. Филмот го поставува прашањето дали можеме повторно да се најдеме себеси и да ги обновиме врските со луѓето што сме ги сакале, дури и кога се чини дека сите мостови се срушени.
Визуелна поетика, наративни слоеви и симболика
Вендерс успева да го исполни секој кадар со длабочина преку визионерската соработка со директорот на фотографија и кинооператор Роби Мулер, кој успева да го прикаже пејзажот на Тексас како простор на отуѓување, но и како подиум за човечката драма. Користењето на природното светло и прецизната композиција на кадри ја дополнуваат темата на филмот, истовремено сугерирајќи дека пејзажите не се само место туку и состојба на душата на неговите ликови. Тишината и просторот меѓу луѓето се изразуваат не само преку дијалог туку и преку пејзажите што ги опкружуваат, со што филмот станува визуелна поема за човечката состојба.
Сценариото на Сем Шепард внесува специфичен вид минимализам и емоционална голотија што го издигнува „Париз, Тексас“ до една од највлијателните филмски приказни на крајот на 20 век. Монологот на Травис кон крајот на филмот, кога преку стаклото на една кабина ја пренесува својата исповед кон Џејн, е момент што вечно се врежува во колективната меморија на филмските обожаватели. Сцената е суптилна, интимна и моќна, оставајќи силен впечаток и отворајќи комплексни прашања за простувањето, љубовта и себеразбирањето.
Музиката на Рај Кудер, со својот меланхоличен гитарски призвук, стана заштитен знак на филмот, отсликувајќи ги болката и надежта што ликовите ги чувствуваат. Саундтракот ја дополнува атмосферата и го води гледачот низ пустините на Тексас, носејќи го на патување што е исто толку духовно колку и географско.
Наследството
За овие 40 години, „Париз, Тексас“ се издвојува како филм што не старее. Вендерс успева да го направи своето дело над и безвременско, обработувајќи теми што се постојани во човечката природа. Прашањето на повторно откривање на себеси и на простувањето, дури и кога сè е изгубено, останува универзално применливо и ден-денес. Овој филм ги задржа својата привлечност и влијание, инспирирајќи генерации режисери, сценаристи и кинематографи низ целиот свет.
Четири децении по неговата премиера, „Париз, Тексас“ е повеќе од филм – тој е кинематографска икона, огледало за сите што бараат духовно патување и повторно поврзување. Во време на инстантни визуелни искуства и масовни медиумски потрошувачки, филмот на Вендерс нуди длабочина, размислување и вистинско патување, покажувајќи дека големите филмови се тие што остануваат, што имаат сила да нѐ потсетат на она што сме го загубиле и на она што никогаш не престануваме да го бараме. Филмот е тестамент на човечката способност за променa, прошка и љубов, и претставува и останува едно од најголемите достигнувања во светската кинематографија.
Автор: Јане Алтипармаков