На денешното рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски сведочеше членот на партијата Десна, Ѓорѓи Џолев, кој го донирал возилото „Рено кангу“ што го возеше обвинетиот Љупчо Палевски при грабнувањето. Тој рече дека е пријател на Љупчо Палевски и бил претседател на Централениот комитет на Десна. Некогаш плаќал сметки и кирија, а купувал и дел од опремата. Со Палчо се запознал преку негов пријател откако ги гледал неговите постапки.За возилото сведочеше дека немало кој да го оддржува.
-Две -три години го возеше член на Десна, но замина во странство. Кога требаше да го селат штабот, го понудив возилото да го користат од партијата за селењето. Ми беше подобро некој да го вози, затоа го отстапив, го дадов возилото на располагање, без никаков услов. Им го дадов во септември 2023 година, зашто заминав за Исланд – сведочеше Џолев.
Тој појасни дека често бил во партијата, па раскажа дека Палевски имал чуден однос со двајцата обвинети, Влатко Кешишов и Велибор Манев.
-Ми беше чуден нивниот однос, беше поданички. На пример, кога ќе им беше зборувано со повисок тон, тие не враќаа, не влегуваа во расправи со Палчо – посочи сведокот, кој потоа спомна и дека видел пиштол во штабот, во собата во која спиел Палчо.
-Да, видов пиштол во штабот кај Шампионче. Стоеше на маса, кај што спиеше Палевски, видов пиштол во футрола. Не знам чиј беше, но претпоставувам дека беше на Палевски – рече сведокот.
За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски Палчо како првообвинет, и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
Сите обвинети се изјаснија дека се невини.