Праизведба на драмскиот текст „Марта Верина“

Вечерва во Македонскиот народен театар ќе се одржи праизведбата на драмскиот текст „Марта Верина“ од Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ, а во копродукција помеѓу „Перипетија продукција“ и Македонски народен театар и во соработка со фондацијата „Ацо Шопов“.
„Марта Верина“ е првенствено приказна за жена што истовремено е и херој и антихерој. Жена што поради своите „погрешни“ избори не му припаѓа на општеството во кое живее и човек што засекогаш мора да живее со товарот на „грешката“ што ја направил. Претставата всушност сака да отвори клучни прашања за тоа колку е присутна стигматизацијата во општеството и времето во кои живееме, ставајќи го гледачот во позиција на воајер, кој бесрамно гледа, суди и пресудува за нечии животни постапки. „Грешки“ што сите ние сме ги направиле, но кои се обидуваме да ги закопаме длабоко во себе, мислејќи дека таму долу се сигурни, заштитени од светот што безмилосно отфрла.
Инспириран од поезијата на Ацо Шопов, текстот анатомски ги расчленува меѓучовечките односи давајќи детална слика за тоа како постапките на родителите влијаат врз нивните деца и како „жртвите“ што тие се подготвени да ги поднесат се покажуваат како погрешен избор. Отворајќи прашања за тоа дали космички сме предодредени да ги плаќаме „гревовите“ на нашите родители или сепак станува збор за избори што се предизвикани од наученото однесување со кое сме растеле, текстот наметнува отворање на голем број прашања, а најмногу за тоа дали навистина постои карма или, пак, личните избори ни ја предодредуваат судбината.
Во претставата играат: Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софија Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографка е Ивана Каранфиловски Угуровска, музиката е на Оливер Митковски и Андреја Салпе, а дизајнот на постерот е на Сара Митова. Како дел од проектот е објавена и книга, чија промоција ќе биде одржана во рамките на премиерната изведба на претставата.