Клучното прашање на низа аналитичари во врска со фактот што Софија ужива исклучително привилегирана положба дадена од Брисел е всушност: Со што Бугарија ја задолжи Европа?! Имено, ова прашање логично произлегува ако се има предвид ситуацијата во Бугарија: назадувањето во процесите околу владеењето на правото, ниското ниво на борба со корупцијата, непочитувањето на човековите права, како и слабите економски резултати, поради што земјата се наоѓа на дното во однос на другите земји членки на ЕУ… Зошто толку дадени попусти и концесии за Софија, прашуваат соговорниците, кога Бугарија не само што го урнисува угледот на Европа туку флагрантно демонстрира постапки на непочитување на меѓународното право, го игнорира највисокото „перемпторно право – јус когенс“ во случајот со Македонија, посегнувајќи по јазикот, историјата и воопшто по македонската нација, а потоа и не ги почитува колективните малцински и индивидуални права на Македонците? Од каде ги црпи Софија овие бриселски привилегии?
Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) започна истрага во врска со наводите дека некои земји членки на ЕУ препродаваат ребрендирана руска нафта
Огромната наклонетост на Европската Унија кон Бугарија, дури и во моменти кога оваа земја отворено работи против пошироките европски интереси, како што е процесот на проширување, покажува дека официјална Софија ја има задолжено ЕУ со постапки скриени ниско под радарот, односно европските валкани договори се туркаат со бугарска помош и на тој начин се затскрива вистинското европско лице.
Клучното прашање е со што официјална Софија толку ја задолжи Европа, имајќи ја предвид ситуацијата во земјата, назадување во одредени процеси околу владеењето на правото, ниско ниво на борба со корупцијата, непочитување на човековите права, како и слаби економски резултати, поради што земјата се наоѓа на дното во однос на другите земји членки на ЕУ. Дополнително, ако на тоа се придодаде и константната политичка криза, тогаш дилемата станува уште поголема.
Сепак, како што анализираат одредени европски медиуми, Бугарија мора со нешто да го заслужи повластениот однос што го ужива во европски рамки.
Имено, неодамна Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) започна истрага во врска со наводите дека некои земји препродаваат руска нафта во ЕУ под друг бренд, чиј увоз во ЕУ е опфатен со режимот на санкции против Русија.
Случајот се третира како обид за заобиколување на санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија поради руската инвазија врз Украина. Забраната за увоз на руска нафта во Унијата беше воведена со пакетот санкции усвоен во февруари 2023 година.
Истрагата беше поведена по наводите во некои медиуми дека милиони барели руска нафта најверојатно се пласираат на пазарот во ЕУ откако претходно се „ребрендираат“ во други земји, меѓу кои и Бугарија.
Според наводите на „Политико“, минатата година Русија заработила околу милијарда евра од пласман на своја нафта во ЕУ преку Бугарија.
„Политико“ наведува дека тоа ги покажува креативните начини на кои Русија прави обиди за заобиколување на санкциите на ЕУ и ја штити својата трговија со фосилни горива, од која Москва обезбедува речиси половина од своите приходи.
Повеќе од очигледно е дека Унијата не е толку наивна во време на санкции да не ги знае скриените патишта по кои руската нафта може да влезе на европскиот пазар, но очигледно вистинската намера е да се дозволи увоз на руска нафта и покрај активните санкции бидејќи без таа нафта европската економија се движи кон колапс. Водечкиот европски економски мотор Германија, која беше стоотстотно зависна од рускиот гас и нафта, сега тоне во нова рецесија, најголемите германски компании, пред сѐ во автомобилскиот сектор, се пред затворање и се најавуваат илјадници кратења на работните места. Дека ситуацијата е критична говорат турбуленциите во германската влада и најавите за нови избори во јануари, што ја води земјата кон сериозна критична фаза имајќи го предвид растот на германската крајна десница.
Токму тука може да се лоцираат причините зошто ЕУ е наклонета кон Бугарија, особено во нерационалниот спор со Македонија, испорачувајќи барања што се надвор од Копенхашките критериуми.
Она што следува на почетокот на 2025 година, тоа е дека со очекуваниот крај на транзитот на руски гас преку Украина кон крајот на годинава, гасоводот „Балкански тек“ низ Бугарија ќе стане главна маршрута за снабдување на ЕУ и на Украина со руски гас, со што Бугарија повторно станува главната артерија преку која Европа ќе се снабдува со руски гас, без оглед што постојат санкции.
Според податоците на Европската комисија, од почетокот на руската инвазија на Украина, ЕУ драстично го намалила увозот на руски гас од повеќе од 50 отсто на 15 отсто минатата година. Вкупно, девет отсто од испораките на руски гас во ЕУ доаѓаат преку гасоводи, а остатокот е течен гас. По суспензијата на украинскиот коридор за гас, испораките на ЕУ и Украина ќе мора да минуваат главно преку Бугарија и таа ќе биде земјата од која Европа во најголем дел ќе го добива рускиот гас. На тој начин Бугарија ќе биде еден вид параван за дистрибуција на рускиот гас, кој сега е под ембарго поради руската инвазија врз Украина.
Бугарија стопанисува со гасоводот „Балкански тек“, кој е продолжение на „Турски поток“, гасовод што беше отворен точно една година пред руската инвазија на Украина.
По избувнувањето на војната, Русија ја прекина испораката на гас за Бугарија, но властите во Софија не го попречуваа транзитот на рускиот гас за Србија, Унгарија и оттаму во Австрија, односно кон централна Европа.
Сето ова говори дека Бугарија е колосалниот „европски“ играч преку кој Европа се обидува да го стабилизира снабдувањето со гас, пред сѐ така што преку различни маршрути и страни ќе се увезува руски гас, затскривајќи го неоспорниот факт дека повторно станува збор за гас од Русија. Очигледно Бугарија го прави истото тоа и со руската нафта, така што го скрива вистинското потекло на нафтата и ја пласира на европските пазари по пониски цени од она што го нудат другите производители на нафта.
Тука некаде аналитичарите и познавачите на европските политики (читај: еквилибристики) ги лоцираат причините зошто Македонија е едноставно немоќна во спротивставувањето на аргументите со Бугарија околу евроинтеграциите, која очигледно ќе остане европско милениче со оглед на алибито што ѝ го обезбедува на Европа за нејзините политики на двоен колосек.