Испорачани „амбициозни“ барања од енергетските компании за зголемување на цената на струјата
МЕМО бара поскапување на цената на својата услуга за речиси 80 отсто. Натаму, МЕПСО бара зголемување за околу 50 проценти. Нивните пресметки пред извесно време се доставени до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
А каква ќе биде новата цена на струјата најмногу ќе зависи од понудата на ЕСМ на тендерот на „ЕВН хоум“ што ќе биде објавен за една недела, односно на 15 ноември.
Барањата за енормно зголемување на цената на струјата од страна на енергетските компании не се прифатливи за Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Бислимовски: За РКЕ никогаш не биле прифатливи вакви високи барања
– За РКЕ никогаш не биле прифатливи вакви високи барања. Ги гледаме пресметките, но тоа нема да се случи во секој случај. Она што го гледаме сега како факт е дека голем број мали потрошувачи се вратиле назад на слободниот пазар на електрична енергија, што прави одредени притисоци на цената на електричната енергија. Не би сакал да шпекулирам за другиот дел бидејќи немаме податоци за цените по кои ќе се купуваат загубите на струја кај МЕПСО и во Електродистрибуција. Згора и тендерот на универзалниот снабдувач ќе биде објавен следната недела – истакна Бислимовски.
ЕСМ својата струја моментно му ја продава на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ по цена од 60 евра за мегават-час.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве повторно кажа дека не очекува да има поскапување на струјата од јануари. Новата цена на струјата треба да биде донесена до крајот на годинава, а да важи од јануари.
Сѐ уште е неизвесно и кога граѓаните ќе добијат уште еден дополнителен час дневна евтина струја. Односно наместо до 15 да биде до 16 часот. Прашањето се усложни по поскапувањата на струјата во регионот во однос на цените во другите држави во ЕУ. Н.М.