Шаховски талент: Стефан Мелник

На СП 2024 настапија 36 шахисти од 13 шаховски федерации, а победи ФМ Золтан Иштван Замбо од Унгарија, кој беше и прв фаворит пред почетокот на годинашното СП

ШАХ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

Македонскиот шаховски бисер, 16-годишниот член на ШК Мулти Есенс, Стефан Мелник (1.874 рејтинг-поени, рангиран 18-ти пред почетокот на турнирот), постигна извонреден успех на третото Светско првенство (СП) во шах за слепи и слабовидни лица (ИБСА), во Петровац (Црна Гора). Талентираниот македонски шахист, кој беше и најмлад играч на СП 2024, по девет кола го подели од шестото до 10-то место со 5,5 поени (пет победи, едно реми и три пораза, со рејтинг-перформанс од 2.002 поени и 63,2 новоосвоени рејтинг-поени), но според дополнителниот критериум е деветти, што за неговата возраст е одлично постигнување. Истиот пласман го подели и поискусниот Зоран Костадиновски (1.872, рангиран 19-ти), кој според дополнителниот критериум е 10-ти, со 5,5 поени (четири победи, три ремија и два пораза, рејтинг-перформанс од 1.974 поени и нови 23,2 р.п.), што е, исто така, одличен пласман во оваа конкуренција.
– Го забележав Стефан уште пред три години додека не беше член на ШК Алкалоид, а потоа и на ШК Мулти Есенс. Во тоа време со него работеше ФМ Оливер Органџиев. Продолжив да работам со него, за да премине во нашиот клуб и што побрзо да напредува. Се работи за дете што е максимално посветено на шахот, а во последно време водено од ВМ Трајко Недев, едноставно мораше да направи ваков исчекор. Со зрела и рационална игра го оствари овој резултат и му посакувам само честитки и уште поголем мотив по ваквиот успех. Тој уште ќе напредува, а се надевам дека и Шаховската федерација на Македонија ќе му посвети повеќе внимание. Би му порачал, само напред и да верува во себе – вели членот на ШК Алкалоид, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.
Третиот македонски претставник, искусниот Жарко Селковски (1.864, рангиран 21.), со 4,5 поени и нови 12,2 рејтинг-поени го освои 18-то место, а 22-годишниот Филип Арсов (1.758, рангиран 31.), е на 22-то место, исто така, со 4,5 поени, но и нови 28,2 р.п.
Светски првак стана Унгарецот Золтан Иштван Замбо (2.293, рангиран прв) со седум поени, колку што имаа и Узбекистанецот Ахадон Кинсанбојев (1.868, рангиран 20-ти) и ИМ од Црна гора, Предраг Никац (2.222, рангиран трет), но со послаби дополнителни критериуми од победникот. На СП 2024 настапија шахисти од Македонија, Хрватска, Шпанија, Финска, Франција, Унгарија, Монако, Романија, Узбекистан, Венецуела, Бугарија, Косово и од Црна Гора. Г.И.