Веќе сме во процес на подмладување на репрезентацијата и тоа треба да се доврши. Се појавуваат нови, млади и добри ракометари, кои во своите клубови играат квалитетно против силни противници. Од никого не се откажуваме, едноставно имаме потреба од нови играчи. Радува фактот што во овој миг имаме можност да избираме. Сите ќе бидат во конкуренција за настап на Светското првенство во јануари, вели селекторот Лазаров
ПРВ СОБИР НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026
Искуството како играч и тренер ми кажува дека на секој натпревар треба да се биде внимателен. Имаме многу материјали од двете селекции, подготвени сме. Ќе видиме како ќе се однесуваат нашите ривали. Сметам дека ќе биде многу потешко против Литванија, изјави селекторот на македонската сениорска ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, по првиот собир на репрезентативците, а пред почетокот на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, кое треба да се одржи во Данска, Шведска и во Норвешка.
Македонија во првото квалификациско коло ќе игра со Естонија, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, утре, од 20 часот. Лазаров смета на 20 ракометари, а на неговиот список со резерви фигурираат осум играчи. Сепак, тој мораше да направи една принудна измена, па наместо повредениот десен бек Томислав Јагуриновски, во репрезентацијата го повика Давид Савревски.
– Веќе сме во процес на подмладување на репрезентацијата и тоа треба да се доврши. Се појавуваат нови, млади и добри ракометари, кои во своите клубови играат квалитетно против силни противници. Од никого не се откажуваме, едноставно имаме потреба од нови играчи. Радува фактот што во овој миг имаме можност да избираме. Сите ќе бидат во конкуренција за настап на Светското првенство во јануари. Можеби ќе има и промени во начинот на игра, а идејата е да создадеме квалитетна репрезентација – рече, меѓу другото, Лазаров.
Во вториот дуел, црвено-жолтите ќе ѝ гостуваат на селекцијата на Литванија, во Вилнус, в сабота. Во групата 1 е и репрезентацијата на Словенија. Г.И.