Главниот ревизор Максим Ацевски на денешната презентација на Конечниот ревизорски извештај за студентскиот стандард и условите во студентските домови повика „да се преиспита политиката на финансирање студии надвор од нашата држава“.
-Дали ние сме толку богати за да ги финансираме другите држави, да ни се одлеваат нашите стручни високообразовани кадри во другите држави – рече Ацевски откако соопштувајќи ги наодите од извештајот за 2022 година рече дека 44,4 отсто од парите за стипендии се наменети за 111 студенти запишани на првите сто рангирани универзитети според Шангајската листа.
Посочи дека од околу 3100 барања од студенти на нашите универзитети, одобрени се 2509 и дека соодносот на одобрени и неодобрени стипендии „укажува дека нешто недостига во системот на градење на политиките, на рангирање на барателите и бројот на прифатени барања“.
-Но, да биде иронијата поголема, ако се изземат овие 2509 студенти коишто се одобрени во текот на 2022/2023 година и ако споредите колкав процент на средства се издвојува за овој број на студенти со бројот на студенти што државата ги финансира за студии во странство за првите сто универзитети во светот, ќе констатираме дека дури 44,4 отсто отпаѓаат на овие 111 студенти. Може да видите дискрапанца дека 111 студенти го земаат колачот на стипендии 44,4 отсто од 2509 студенти кои се финансираат во државата. И што имаме на крај – во суштина нашата држава е толку богата што нашите деца и нашите таленти ги финансираме со сопствени средства на нашите даночни обврзници, а воопшто не водиме грижа тие таленти и високообразовани кадри да ги вратиме во нашата држава и дадат придонес во нашето општество – рече Ацевски.
Ревизијата утврдила дека постои можност за подобрување на износот на стипендиите што ги добиваат студентите на нашите универзитети. Во социјално ранливата категорија и групата на студенти кои треба да добиваат одредена стипендија, рече ревизорот, има висок број на студенти коишто не доставиле конечни документи „што укажува можеби на бирократски пристап во однос на брзината и леснотијата на обезбедување на потребните документи“.
Според Извештајот на ДЗР, државата во 2022 година потрошила приближно 22 милиона 690 илјади евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие 22,6 милиони евра, 50 отсто се исплатени за студентки оброк, 40 отсто за стипендии, 17 отсто за сместување и исхрана, а три отсто за останати расходи.
Министерката Весна Јаневска посочи дека со закон е дефинирана процентуална распределба на стипендии по области при што некои не се искористуваат. Според неа, тоа не мора да биде дефинирано со закон, туку со подзаконски акт, кој, како што рече, може полесно да се менува според потребите за стимулирање на упис во одредени области кои се дефицитарни.
-Точно, големи се средствата што се издвојуваат за студентите што ги испраќаме на универзитети на Шангајската листа. Јас и натаму сметам дека идејата била добра, но реализацијата е лоша. Лично не гледам вина во тие студенти, гледам вина во однесувањето на државата, не само на МОН. Иако околу 40 проценти се вратени во земјата и работат во приватните компании, факт е дека државата на тие студенти треба да им обезбеди услови за тие што ќе се вратат за да работат. Дел од нив се уште се на постдипломски и на докторски студии. Значи, имаме реални шанси да ја подобриме оваа ситуација – истакна Јаневска.
Соопшти дека во моментов МОН прави дигитален регистар за сите стипендирани студенти во странство, ги контактира и со двајца се склучени договори про боно ќе работат за потребите на МОН.
На седницата на која беше презентиран Извештајот на ДЗР, организирана од Собранискиот Клуб за младински прашања и политики, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски рече дека е „голем поборник“ за „шангајската“ стипендија, нејзин корисник што што се вратил во државава.
Според него, оваа стипендија е „одлично смислено решение и една од најголемите иновации“ во стипендирањето на високото образование во светот. Рече дека тој самиот ја исполнил обврската од договорот да се врати во државата, но многу од другите студенти во странство не се вратиле или не биле ангажирани од државата и од самите универзитети.
-За жал, државата не ги почувствува резултатите, а можеше. Јас се вратив во 2015 и во 2016 аплицирав на Економскиот факултет. Тогаш направивме анализа дека по тогашниот Закон за високо образование ниту еден од тие студенти имаше можност за олеснето вработување, ниту еден студент не бил вработен по тој член на законот. Потоа, со промената на владата, се укина тој член. Во тој момент бевме 400 што се вративме од универзитетите, а пресметката тогаш беше дека само 50 студенти ако се врателе, рангот на УКИМ би скокнал за илјада места само по тоа што тие работат бидејќи ги носат референците од факултетите каде што имаат завршено. Само по тој основ, УКИМ или кој било друг државен универзитет би скокнал илјада места на Шангајската ранг-листа. За жал, до денеска, по моите информации, се уште ниту еден студент од оваа Шангајска листа не е вработен на некој од нашите државни универзитети, што зборува многу за ангажманот и желбата на македонските универзитети за едноставен и бесплатен начин да стигнат до таков успех – додаде Андоновски.