Партизански батаљон „Мирче Ацев“

Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдува и отсликува посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, ја воведуваме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец ќе издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнати македонски дејци

1 ноември 1943 година – Единици на баталјонот „Мирче Ацев“ по двочасовни борби со германската армија и со балистите по вторпат го ослободуваат Кичево.

3 ноември 1944 година – По предлог на Поверенството за просвета, Президиумот на АСНОМ донел решение за отворање гимназии во градовите: Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Велес и Охрид.

3 ноември 1944 година – Во селото Горно Врановци е донесена одлука за основање на Школата за народни учители во Скопје.

3 ноември 1951 – Со посебна уредба на Владата на НР Македонија е формиран Отсекот за правни науки при Правно-економскиот факултет во Скопје. На 1 јули 1956 година, Отсекот за правни науки се одвоил како посебна високообразовна институција.

4 ноември 1944 година – Единиците на Народноослободителната војска на Македонија по борбите што ги водеа на приодите кон Битола го ослободија градот.

6 ноември 1942 година – Во селото Битуше, Гостиварско, проработи првата партизанска печатница во Македонија „Гоце Делчев“.

6 ноември 1944 година – Ослободени се градовите: Радовиш, Дојран и Валандово.

7 ноември 1829 година – Роден е Марко Цепенков, македонски преродбеник и собирач на народни умотворби.

8 ноември 1944 година – Ослободени се Штип, Неготино и Струга.

8 ноември 1878 година – Роден е Димитрија Чуповски, организатор и афирматор на македонската национална мисла.

8 ноември 1878 година – Роден е Димитар Влахов, македонски револуционер, политичар и публицист.

8 ноември 1906 година – Роден е Михаило Апостолски, македонски академик, народен херој и генерал-полковник.

9 ноември 1944 година – Ослободен е Велес.

9 ноември 1972 година – Починал Елисие Поповски, делегат на Првото заседание на АСНОМ.

10 ноември 2006 година – Починала Вера Ацева, македонска партизанка, борец во НОБ и народен херој на Југославија.

11 ноември 1943 година – Во селото Сливово, Охридско, формирана е Првата македонско-косовска ударна бригада. Таа била формирана од баталјонот „Мирче Ацев“, Кичевскиот баталјон, првиот косовски баталјон „Рамиз Садику“, вториот косовски баталјон „Борис Вукмировиќ“ и од четата на придружните баталјони на Главниот штаб на Македонија. При формирањето, бригадата имала 700 борци и го добила називот ударна.

11 ноември 1944 година – Во центарот на Гостивар албанските балисти стрелале шестмина македонски приврзаници на народноослободителното движење: Киро Ристовски-Дрнц, Васил Пејчиновски, Баренко Георгиевски, Изре Зафировски, Сократ Павловски и Павле Петрески.

11 ноември 1944 година – Ослободено е Куманово.

13 ноември 1944 година – Ослободено е Скопје.

14 ноември 1941 година – Роден е Филип Симоновски, македонски новинар, уредник и публицист во „Нова Македонија“.

15 ноември 1944 година – Во Скопје, во руинираните простории на некогашната Воена болница кај Гази Баба (Полумесец), беше сместена Болницата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.

16 ноември 1898 година – Роден е Симеон Кавракиров, македонски револуционер, припадник на ВМРО (Обединета) и член на Бугарската комунистичка партија.

17 ноември 1991 година – Усвоен е Уставот на Република Македонија, прв по прогласувањето на сувереност и самостојност.

18 ноември 1997 година – Делегација на Армијата на Република Македонија, при посетата на Турција, го пронајде и го фотографира крушевското црешово топче од периодот на Илинденското востание. Црешовото топче е пронајдено во Воениот музеј на Армијата на Турција.

19 ноември 1944 година – Тетово е ослободено во Втората светска војна, како последен ослободен град на територијата на Македонија.

20 ноември 1991 година – Во Скопје, во Собранието на Република Македонија, свечено е прогласен Уставот на Република Македонија, усвоен на 17 ноември 1991 година.

21 ноември 1875 година – Роден е Никола Петров-Русински, македонски социјалист и револуционер.

23 ноември 1944 година – По одлука на АСНОМ, формирана е Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

24 ноември 1944 година – Во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнаа последните улични борби, основан е првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено, во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои сѐ уште беа во партизански униформи, го формираа симфонискиот оркестар. На таа средба присуствуваа Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.

26 ноември 1919 година – Роден е Ѓоце Стојчевски-Амбарче, македонски борец и народен херој.

27 ноември 1941 година – Завршува судскиот процес против 15 уапсени македонски дејци што се одржува во Охрид. Од нив само пет се осудени, меѓу кои Лазар Колишевски и Петре Пирузе на смрт со бесење.
27 ноември 1946 година – Солунскиот партиски весник „Лаки Фони“ објави список на околу 100 лица од Леринско и од Воденско (претежно Македонци), кои беа интернирани на егејските острови.

27 ноември 1901 година – Роден е Емануел Чучков, истакнат македонски професор и политичар. Во 1943 година Чучков станува член на групата интелектуалци што го сочинуваат Акциониот народноослободителен комитет (АНОК). Во април 1944 година станува член на проширениот состав на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. На почетокот на мај 1944 година, заедно со Методија Андонов-Ченто и Кирил Петрушев, заминува за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз-Тито. Во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ и е избран за член на Президиумот на АСНОМ како негов втор потпретседател. На 14 август Президиумот на АСНОМ го избира за член на Комисијата за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги. Како претставник од Македонија, на 30 август 1944 година, е испратен во Народниот комитет за ослободување на Југославија. Во НКОЈ ја врши функцијата повереник за земјоделство, а на 7 март 1945 година кога е формирана Привремената сојузна влада на чело со Јосип Броз-Тито, станува министер за Македонија. Од 1946 до 1950 година е пратеник во Народното собрание на Македонија, а од 1946 до 1947 година ја врши функцијата директор на Народната библиотека во Скопје. Како музиколог етнолог во 1947 го основа заводот за домашни уметнички ракотворби „Македонски фолклор“, а од 1948 година станува соработник на новооснованиот Институт за национална историја. Во 1949 година станува директор на државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.