Фото: ЕПА

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Роглич: Погачар е една брзина понапред

Четирикратниот победник на шпанска Вуелта, словенечкиот велосипедист Примож Роглич (35), смета дека трикратниот победник на Тур де Франс, неговиот сонародник Тадеј Погачар (26), е „една брзина понапред“ од сите и беше речиси непобедлив во 2024 година. Погачар имаше извонредна сезона, освојувајќи ја титулата во друмската трка на Светското првенство во септември, по триумфите на Џиро д’Италија и Тур де Франс. Со победата на СП стана само третиот што успеал да ја освои „тројната круна“ во велосипедизмот, по Белгиецот Еди Меркс во 1974 година и Ирецот Стивен Рош во 1987 година.
– Во моментов се чини дека е непобедлив или барем е многу тешко да се израмните со него. Но никогаш не се знае како ќе биде следната година. Можеби ќе биде подобар. Немам никакво влијание врз него, морам да се гледам себеси. Ако можам да бидам најдобрата верзија од себе, би можел да се борам со него и да бидам среќен. Сакам да победувам. Најдобро за мене е кога сум на првото место и нема никој наоколу. Но каде сме сега, сосема е јасно. Има еден, Погачар, кој е една брзина понапред. Единственото нешто што можеме да го направиме е да се подобриме и потоа да видиме каде сме – вели Роглич.
Роглич, кој ја освои рекордната четврта титула на Вуелта во септември, нема победа на Тур де Франс, а најблиску беше во 2020 година кога беше вицешампион зад Погачар.
– Уште имам предизвици, а еден од нив може да биде победа на Тур де Франс. Знам дека ако Тадеј е таму, ќе биде тешко. Би можел да кажам да, би сакал да ја освојам, но и мојот успех ќе биде добар ако не успеам. Земјата ќе се врти исто и ако не победам на Тур, но тоа е предизвик – рече Роглич. Г.И.


ИЗБОР НА АНОК

Алфред и Тебого најдобри спортисти на ЛОИ 2024

Џулиен Алфред (Сент Лусија, атлетска олимписка шампионка на 100 метри) е прогласена за најдобра спортистка, а Лециле Тебого (Боцвана, олимписки првак на 200 м во атлетика) за најдобар спортист, во изборот на Асоцијацијата на националните олимписки комитети (АНОК) на најдобрите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава. Прогласувањето се одржа во Португалија. Меѓу репрезентациите, признанијата ги добија женската одбојкарска селекција на Италија и машката ракометна репрезентација на Данска. Други добитници на наградите на АНОК за 2024 година се Велика Британија, тимски велосипедски спринт за најдобар женски тим во индивидуален спорт, јапонската селекција во уметничка гимнастика за најдобар машки тим во индивидуален спорт, Австрија во едрење за најдобар мешан тим во индивидуален спорт, Лиза Карингтон (Нов Зеланд) и Ма Лонг (Кина) за извонредна спортска кариера, Сент Лусија, Доминика, Гватемала и Боцвана меѓу олимписките комитети, Анита Дефранц за придонес за олимпиското движење и Олимпискиот комитет на Франција, домаќинот на ЛОИ. Н.М.


КОШАРКА – НБА-ЛИГА

Силвер се консултира со Кари за можните промени на олстар-мечот

НБА-лигата размислува да го смени форматот за кошаркарскиот олстар-меч во Сан Франциско сезонава, изјави комесарот на НБА, Адам Силвер.
– Разгледуваме други формати. Мислам дека нема сомнеж дека и играчите беа разочарани на олстар-натпреварот во минатата сезона. Сите сакаме да направиме подобра работа, обезбедувајќи натпреварување и забава за нашите гледачи – рече Силвер, пренесе НБА.
Силвер додаде дека лигата се обидува да го направи олстар-натпреварот „нетрадиционален формат на меч“. НБА-лигата неколкупати во претходните години ја менуваше формулата за олстар-дуелот, меѓу обидите беше укинување на долгогодишниот формат Исток против Запад со тимови избрани од капитените и играње четврта четвртина без мерење на времето со предодреден резултат за да се осигури мечот да мора да заврши со упатен удар. Ланскиот натпревар се врати во традиционалниот формат, четири четвртини од 12 минути, Исток против Запад, а мечот беше офанзивна средба, тимовите заедно имаа 168 обиди за три поени и речиси 400 постигнати поени, пишува НБА.
Силвер рече дека за мечот во Сан Франциско тој ја ангажирал ѕвездата на Голден стејт, Стивен Кари, за да помогне да се најде начин да се направи олстар-натпреварот поконкурентен. Какви било промени речиси сигурно ќе треба да го вклучат и раководството на Националната асоцијација на кошаркари, пишува НБА. Силвер вели дека никој не очекува олстар-мечот да има интензитет како средба од плејофот. Тој рече дека извршните директори на лигата, Бајрон Спруел, Џо Думарс и Еван Ваш, формирале комисија за да разговараат со претставниците на тимовите и со Здружението на играчи за да се обидат да најдат решение.
– Сакаме да направиме нешто што ќе ги возбуди гледачите и играчите – рече Силвер. Н.М.


ПЛИВАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Два светски рекорда за седум дена на Кејт Даглас

Кејт Даглас повторно го собори светскиот рекорд во пливање на 200 метри градно, во 25-метарски базен, во трка на Светскиот куп (СК) во Сингапур. Американката во третиот митинг во СК постигна време од 2:12,72 минути, што е за речиси една и пол секунда подобро од нејзиниот личен и светски рекорд (2:14,16), кој го постави пред само седум дена на натпреварувањето во Инчеон (Јужна Кореја). Првиот ден во Сингапур го обележи и Французинот Леон Маршан, кој е четирикратен олимписки првак, а сега победи во трката на 100 метри мешано, со време 49,92 секунди, што е рекорд на СК. Најдоброто време во оваа дисциплина и понатаму е во сопственост на американскиот пливач Кејлеб Дресел, кое изнесува 49,28 секунди. Г.И.