Тој е првиот одбранбен играч од средниот ред што ја освоил „златната топка“ по Лотар Матаус во 1990 година, првиот шпански играч што ја освоил наградата по Луис Суарез во 1960 година и првиот играч во историјата на Манчестер сити со тоа престижно признание
ФУДБАЛ
Родри од Манчестер сити веќе се сметаше за еден од највлијателните фудбалери во светот во моментов, но освојувањето на „златната топка“ го зацврсти тоа тврдење, пишува „Би-би-си“. Фудбалерот од средниот ред на Шпанија претрпе само еден пораз во мечеви за клубот или за репрезентацијата во изминатите 19 месеци, а во тој период ја освои Лигата на шампионите, две титули во Премиер-лигата, ФА-купот, Суперкупот на УЕФА, Светското клупско првенство, Лигата на нациите и Европското првенство годинава. Откако играше 63 пати за Манчестер сити и за Шпанија во минатиот период, 28-годишниот играч ќе го пропушти остатокот од сезоната 2024/2025, откако во септември ги скина предните вкрстени лигаменти.
Родри имаше голем простор за пополнување кога му се приклучи на Манчестер сити, а Фернандињо некои го сметаат за најдобриот дефанзивен играч за врска што некогаш играл во Премиер-лигата. Сепак, Родри ја направи позицијата своја и сега мора да биде рангиран заедно со великаните како Рој Кин, Патрик Виеира и Клод Макелеле, но со повеќе додавања во противничката половина и помалку стартови и повеќе голови за победа во финале на Лигата на шампионите, пишува „Би-би-си“. Сепак не почна толку лесно, според Шпанецот.
– Фудбалерот од средниот ред е оној на теренот со повеќе одговорности. Треба да бидете сигурни дека тимот работи и никој да не биде мрзлив или расеан. Кога тимот не работи, тоа е некако ваша вина. Ти си како тренер на теренот. Јас не сум Пеп Гвардиола на теренот во таа смисла, бидејќи тој размислува многу за ситуациите. Јас сум поедноставен – изјави тој за „Би-би-си“.
Но Родри признава дека не му дојде природно сето тоа во 2019 година кога Манчестер сити го ангажира од Атлетико Мадрид.
– Можеби ако се сменат тимовите и отидат од пет на четири, јас треба да бидам „наместо тројца назад, треба да направиме два и еден овде“. Тоа е нешто што го научив. Во мојата прва година бев катастрофа. Бев нешто како: „Не знам ни за што ми зборуваш, само пушти ме да играм фудбал“ – вели тој.
Мајк Минај, коментатор на Сити на „Би-би-си“ Радио Манчестер, рече дека беше тешко да се види како тој некогаш ќе излезе од сенката на Фернандињо и ќе се појави како истакната фигура каква што е сега.
– Но тогаш во неговата втора сезона, класичен симптом на играч на Пеп Гвардиола, тој стана клучен. Тој ја направи улогата своја, можеше да ги разбива нападите, да ги искористи Илкај Гундоган и Кевин де Брујне на понапредни позиции и да биде метроном во средниот ред, никогаш не додавајќи само за да додаде, туку за да помогне да се отворат простори и да бидат достапни за поддршка на другите – рече Минај.
Во најдобрите пет европски лиги од почетокот на сезоната 2019/2020, Родри води во додавања, успешни додавања во противничката половина, успешни додавања што завршуваат во последната третина и освоен посед. Не е лошо за дефанзивниот играч за врска, пишува „Би-би-си“. Згора, Родри го постигна еден од најголемите голови во историјата на Манчестер сити, за победа во финалето на Лигата на шампионите, со кој ја запечати тројната круна во сезоната 2022/2023. Тој постигна рекордни девет гола во кариерата во минатата сезона, вклучувајќи и два клучни доцни гола во натпреварите во Премиер-лигата и погодок во победата над Вест хем со 3-1 за титулата.
– Мислам дека на неговата позиција, тој е со еден од најдобрите што Манчестер сити некогаш ги имал, ако не и најдобриот. Вистинско задоволство за гледање – рече Минај.
Родри е, исто така, ѕвезда за својата репрезентација и беше прогласен за најдобар играч на Европското првенство годинава, откако ѝ помогна на Шпанија да го освои трофејот.
Тој е првиот одбранбен играч од средниот ред што ја освоил „златната топка“ по Лотар Матаус во 1990 година, а Родри е првиот шпански играч што ја освоил наградата по Луис Суарез во 1960 година. Родри е и првиот играч во историјата на Манчестер сити што ја освоил престижната награда. Н.М.