ЕДУКАТИВНИ ЧАСОВИ ВО НУ „ТАНЕЦ“
Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ ги повикува сите заинтересирани младинци на возраст од 18 до 23 години, кои учат или имаат завршено средно музичко/балетско училиште на насоката за традиционална музика и игра или се на академски студии во чии програми се изучува музичко-сценскиот фолклор, како и сите млади ентузијасти што добиле солидни знаења од областа, преку членување во културно-уметничките друштва, да се пријават на овој повик и да ги покажат своите потенцијали. Најдобрите од нив, избрани од стручната комисија, ќе ја имаат можноста да посетуваат специјални едукативни часови во ансамблот „Танец“ и ќе можат да учат од најдобрите во музичко-сценската дејност во Македонија и пошироко.
Кандидатите, покрај општите услови за возраста и основното предзнаење, треба да бидат во добра општа здравствена состојба за следење на часовите. За правото на посета на едукативните часови ќе одлучува стручна комисија, која ќе спроведе проверка на знаењата и умеењата на секој пријавен кандидат, а таа ќе се состои од: проверка на основните музички предиспозиции на кандидатите (слух и ритам), констатирање на физичките предиспозиции и сценичноста на кандидатите, во согласност со стандардите на ансамблот, посебна проверка на способностите на кандидатите, соодветна за категоријата во која се пријавилe. Играчите треба да изведат еден играчки образец по личен избор и еден од репертоарот на „Танец“, предложен од комисијата. Вокалните исполнители треба да изведат една народна песна по личен избор и една од репертоарот на „Танец“, предложена од комисијата.
Сите кандидати на приемниот ден треба со себе да понесат патики за вежбање во сала или опинци, заради непречено презентирање на своите изведувачки способност. Сите примени кандидати, кои ја поминале претселекцијата и целосно ги завршиле едукативните часови, ќе добијат сертификати за успешно помината обука за ансамблов изведувач на народни игри, односно песни на националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“.
Рокот за пријавување е од 29.10 до 7.11, а проверката на музичко-сценските способности на пријавените кандидати ќе се одржи на 8 ноември, во 10 часот, во просториите на „Танец“.
– Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, покрај својата матична дејност, секогаш води сметка и за правилниот развој на новите генерации и оттука посебно внимание ѝ посветува на својата благородна мисија за зачувување на македонското културно наследство и преку откривањето и негувањето на талентите од помладите генерации. Преку организирање семинари, мастеркласови и давање континуирана професионална поддршка на повеќе нивоа, „Танец“ свесно и одговорно ги поддржува фолклорниот аматеризам, училишното и академското образование од сферата на фолклорот, како и идните професионални изведувачи, обезбедувајќи континуитет на културните традиции и создавајќи платформа за раст, креативност и уметничка извонредност во изведбата на музичко-сценскиот фолклор. Овој менторски пристап, не само што го поттикнува развојот на вештините туку го засилува и чувството за културен идентитет кај младите – велат од ансамблот.