Фото: Маја Јаневска-Илиева

Жестока дебата меѓу конзервативниот новинар Рајан Гирдуски и истакнатиот британско-американски новинар Мехди Хасан се одржа на Си-eн-eн во понеделникот вечерта во емисијата „Си-eн-eн Њусајт“.

Новинарите разговараа за расистичките шеги на комичарот Тони Хинчклиф, кои го засенија неделниот митинг на Доналд Трамп во Медисон Сквер Гарден во Њујорк.

Како што дебатата растеше, Гирдуски и Хасан се расправаа околу тоа дали вториот бил означен како антисемитски, пренесува Ен-би-си.

– Јас сум поддржувач на Палестинците, навикнат сум на тоа – изјави Хасан.

На ова Гирдуски реагираше моментално:

-Се надевам дека твојот пејџер нема да се огласи – очигледно асоцирајќи на бројните пејџери кои убиваа членови на милитантната група Хезболах во Либан минатиот месец.

Хасан на ова одговорил: „Дали само што рече дека треба да умрам? Само што рече дека треба да бидам убиен“.

Кога водителката Аби Филип го прозва Гирдуски за несоодветниот коментар, тој се извини, тврдејќи дека слушнал дека Хасан го поддржува Хамас. По паузата за реклами, тркалезната маса ја напуштија и Гирдуски и Хасан.

– Нема место за расизам или фанатизам на Си-ен-ен или на нашиот етер – велат од медиумската компанија во соопштението што Филип го сподели на социјалните мрежи.

– Наша цел е да поттикнеме обмислени разговори и дебати меѓу луѓето кои длабоко не се согласуваат едни со други за истражување на важни прашања и промовирање на меѓусебното разбирање. Но, нема да дозволиме гостите да бидат понижени или да ја преминат границата на учтивост. Рајан Гирдуски нема да биде пречекан назад во нашата мрежа – се вели во соопштението на Си-ен-ен.

Филип додаде во нејзиното видео објавено на X дека мрежата не побарала од Хасан да ја напушти дебатата и дека е добредојден да се врати во иднина.