Фото: ЕПА

Во текот на изминатите 33 години, помеѓу 1991 и 2004 година, Брест се бореше со финансиите и се соочи со аматерските лиги пред повторно да стане професионален. По промоцијата во Лига 1 во 2019 година, Брест преживеа со мал буџет и со објекти што тешко беа соодветни за намената. Многумина очекуваа дека ќе испадне во минатата сезона. Наместо тоа, тие го освоија третото место

Во Бретања, северозападна Франција, фудбалот е културна движечка сила, благодарение на осумкратниот француски шампион Нант и на Рен, пишува „Би-би-си“. Но, откако живееше во сенка на подоминантните соседи, Брест постигна нешто извонредно во минатата сезона, откако се пласира во Лигата на шампионите (ЛШ). Во текот на изминатите 33 години, помеѓу 1991 и 2004 година, Брест се бореше со финансиите и се соочи со аматерските лиги пред повторно да стане професионален. По промоцијата во Лига 1 во 2019 година, Брест преживеа со мал буџет и со објекти што тешко беа соодветни за намената. Еден локален новинар го опиша неговиот стадион како „од средниот век“ (се подготвува нов), а извор го опишува Брест како „крајот на светот во фудбалски град“, пишува „Би-би-си“. Се вели дека луѓето се гордеат со „карактерот, скромноста и со напорната работа“, а тие квалитети го воскреснаа клубот. По пет години мака, многумина очекуваа дека ќе испадне во минатата сезона. Наместо тоа, тие го освоија третото место.

„Овој клуб не треба да биде во прва лига“

На некој начин, херојството од сезоната 2023/2024 предизвика главоболки во клубот, пишува „Би-би-си“. Скромниот стадион на Брест не ги исполнува стандардите на Европската фудбалска унија, па тие мора да ги играат своите европски мечеви на домашен терен во Генгамп, околу 110 км подалеку.
– Тоа е волшебна приказна. Луѓето велат: „Гледајте ја Џирона, погледнете ја Болоња, погледнете во Брест, истото е“. Не, треба да разберете, дојдете и видете го стадионот, објектите за тренинг. Ова е клуб што не треба да игра во првата дивизија – рече за „Би-би-си“ Јан Пондавен од поткастот „Брест он ер“.
Брест во минатата недела играше со Баер во својот трет меч од ЛШ (реми) откако претходно ги победи Штурм и Салцбург. Реал Мадрид и Барселона допрва ќе дојдат, но Пондавен вели дека притисокот веќе е намален.
– Беше стресно против Штурм, бидејќи тие беа тим на наше ниво. Но, победивме. Тогаш го имавме првиот меч на гости во Салцбург. Не се грижевме за резултатот. Можеби звучи како недостиг од амбиција, но победивме во натпревар од Лигата на шампионите. Бевме многу среќни. Сега сѐ е само бонус. Реал Мадрид е најголемиот клуб во светот. Тоа е меч што го играте на ФИФА или на Фудбал менаџер. Тоа не треба да се случи, но ќе се случи – вели тој.
Петнаесеткратниот европски првак гостува на 29 јануари. Во ноември Брест оди на „Ноу камп“.

„Приказната е напишана од луѓе од Брест“

Во Брест има многу гордост, но многу малку его. Денис ле Сент, претседател на клубот од 2016 година, е локален бизнисмен, а забавата во градот кога Брест го обезбеди пласманот во ЛШ беше незаборавна.
– Поголемиот дел од персоналот е од Брест. Многумина од нив играа за тимот и му се приклучија на клубот. Тренерите и лекарите се тука веќе 20 години. Приказната е напишана од луѓе од Брест. Парите не се важни, ние го правиме тоа преку луѓе од нашиот град за нашиот клуб. Тоа е тоа – вели Пондавен.
Во клубот е евидентен реализмот во однос на иднината. Грегори Лоренци, спортски директор од 2017 година, создаде хармонична средина со само 50 административни службеници и мал тим за играње. Назначувањето на Ерик Рој за менаџер лани беше изненадување. Тој беше надвор од раководството една деценија откако ја напушти Ница, работејќи како консултант во Вотфорд во 2019 година, но главно како стручњак на француската телевизија.
– Минатата сезона беше еднократна. Целта на Брест во овој момент не е да го предизвика ПСЖ и да ги освои местата за ЛШ. Тие играа на слух и тоа им успеа. Во поголемата шема на нештата, клубот сака да биде помеѓу шестото и десеттото место во Лига 1 – вели Лук Ентвистл, главен уредник на „Гет френч фудбал њуз“.
На теренот беше изграден тим со потписи на искусни фудбалери со нешто за докажување и со правење итар бизнис со доведување играчи од пониските дивизии.

„Стабилноста е најважна работа“

Клучните играчи како Муние и Мартин Сатријано, уругвајски напаѓач, кој се приклучи на заем од Интер, си заминаа, а Пјер Лис-Мелу и високо оценетиот дефанзивец Бредли Локо се борат со повреди, пишува „Би-би-си“. Но, Брест почна доста добро во домашното првенство, иако не според екстремно високите стандарди што ги постави во минатата сезона (по мечевите во саботата е на осмото место). Тековната неизвесност околу правата за емитување во Лига 1 значи дека тие нема да трошат премногу за да останат конкурентни, пишува „Би-би-си“.
– Сакаме да продолжиме да го живееме овој сон колку што е можно повеќе. Но стадионот ќе биде подготвен за 2027 или за 2028 година, треба да останеме во Лига 1 дотогаш. Стабилноста е најважната работа – вели Пондавен. Н.М.