Изложбата „Голем формат“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија е отворена во Домот на АРМ. Со организирање на оваа традиционална изложба „Голем формат“, ДЛУМ го поттикнува современиот ликовен израз кон постојана потрага по нови визуелни и концепциски изразни техники, нови медиуми и вокабулар за експресија.
– Големиот формат како инспирација се потврдува најмногу во уметноста наменета за екстериер каде што остварува динамичен дијалог со светот што постојано се менува во отворен простор. Делата во голем формат, пак, поставени во ентериер го впиваат вниманието на гледачот со својата маркантност и доминација – димензиите во корелација со антрополошките димензии на консументите, за публиката не оставаат место за дилема, криење или двоумење.
Пропорциите се носители на пораката, како и сите основни елементи на визуелниот израз, моќни или, пак, празни, во зависност од квалитетот на означеното потенцирано со големите димензии – велат од друштвото.
На годинашната изложба ќе се претстават: Никола Пијаманов, Стефан Анчевски, Мице Јанкуловски, Мила Добревска. Јоана Арсовска, Душан Георгиевски, Слободан Живковски, Зулејха Зубери, Валентина Илијевска, Јана Јакимовска, Перо Кованцалиев, Нела Јанковска, Марина Лешкова, Ангелица Стојковиќ и Златко Пецов.
Оваа година Уметничкиот совет на ДЛУМ нѐ поканува да ги претставиме своите пораки, кодирани според личните симболи на индивидуалната перцепција за она што го испраќаме во овој посебен момент од нашето контактирање со другите – како мејл или пост виден од поширока креативна перспектива.