Фото: Маја Јаневска-Илиева

По 21 издаден албум, одржани 100 семинари за музика и настапи во 42 земји низ светот, изведувачот на народни инструменти Стефче Стојковски ќе го прослави 25 годишниот јубилеј на неговиот ансамбл со голем концерт што ќе се одржи вечерва во Македонска филхармонија, со почеток во 19.50 часот.

Заедно со Стефче Стојковски на концертот, насловен „За Македонија и Македонците“ ќе настапат врвни вокалисти и изведувачи на македонски традиционални инструменти.

За континуираното ширење на македоинската народна музика во светот Стојковски вели дека го води љубовта кон своето, кон тоа што значи битие и постоење.

– Народната музика има универзален јазик и таа е нашата традиција што нѐ одржала со векови, симбол на македонскиот ентитет и културен идентитет. Затоа, љубители на изворната музика дојдете вечерва, ќе имате ретка можност да ја слушнете исконската песна за Македонија и Македонците. Ќе приредиме вистински слад на душата на јубилејниот концерт на ансамблот Стефче Стојковски по повод 25 години од основањето – порачува виртуозот на народни инструменти.

Стефче Стојковски ја започна својата музичка кариера на петгодишна возраст. Тој е носител на семејна традиција на изведба на гајда, кавал, дудук, шупелка, двојанка, зурла, кемане, тамбура и тапан која датира многу поколенија наназад. М.Т.