Фото: ЕПА

Тимот од САД стана 31-от тим што се пласира за турнирот со 32 тима по успехот во МЛС-лигата. Од полуфиналистите на Копа либертадорес, на Атлетико Минеиро, Ботафого и на Пењарол за учество на СП им треба континенталната титула, Ривер плата е сигурна преку рангирањето, а ако го освои трофејот, тогаш на СП ќе игра Олимпија

ФУДБАЛ – ФИФА

Интер Мајами, кој во саботата го собори рекордот во американската МЛС-лига за најмногу освоени бодови во регуларен дел од сезоната, 74, стана претпоследниот клуб што обезбеди место на клупското Светско првенство (СП) во 2025 година, откако го освои првото место во регуларниот дел од сезоната во САД и се пласира како претставник на земјата домаќин на клупското СП, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА), која соопшти и дека Интер во Мајами ќе игра во воведниот натпревар на СП 2025. Со тоа, 31 од 32 учесника на СП се одредени, а четири јужноамерикански клуба уште имаат можност да се приклучат.
Неделава се првите полуфинални мечеви од Копа либертадорес, клупското фудбалско првенство на Јужна Америка, в среда играат Атлетико Минеиро (Бразил) – Ривер плата (Аргентина), а в четврток Ботафого (Бразил) – Пењарол (Уругвај).
Пет тима од Јужна Америка веќе се пласираа, останува само едно место, а три од четирите полуфиналисти имаат шанса да обезбедат место. Парагвајскиот клуб Олимпија, исто така, може да се квалификува ако Ривер плата стане победник на Копа либертадорес. Ривер плата сигурно ќе игра на СП преку континенталното рангирање, но ако Ривер го освои трофејот тој ќе патува на СП како шампион на Јужна Америка и би се ослободило место за пласман преку рангирањето, за Олимпија, пишува ФИФА.
Атлетико Минеиро, Пењарол и Ботафого за пласман на СП треба да ја освојат титулата во Јужна Америка, од каде што претходно место обезбедија бразилските Палмеирас, Фламенго и Флуминенсе како континентални шампиони во претходните години, и аргентинската Бока јуниорс, преку рангирањето.
Од Европа ќе играат 12 тима, и тоа Челси, Реал Мадрид и Манчестер сити како европски прваци во претходните четири години, како и Баерн, Пари сен Жермен, Интер, Порто, Бенфика, Борусија Дортмунд, Јувентус, Атлетико Мадрид и Салцбург преку континенталното рангирање. Н.М.