Во Светскиот куп Макпетрол е деветти, во Европа-купот Вардар 2014 е 13-ти, во НБЦ-купот Пелистер 1982 е 19-ти, а ГТЦ Мусандра 23-та, додека во Светскиот куп за кугларки Пелистер Пин е 13-ти

КУГЛАЊЕ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ

Кугларите на македонскиот првак Макпетрол со соборени 3.586 кегли го освоија деветтото место меѓу 15 екипи по трите натпреварувачки дена на 35. Светски куп (СК) во Залаегерсег (Унгарија) и за едно место не се пласираа во Лигата на шампионите (ЛШ). Осмопласираниот Триглав од Словенија имаше 30 кегли повеќе (3.616) од скопјани. Во последниот ден пред плејофот за Макпетрол настапи Милош Радојичиќ (собори 588 кегли). Во вчерашното полуфинале се сретнаа чешка Подбрезова (3.788) и хрватски Запрешиќ (3.752), за кој игра Бранко Манев, и германски Зербст (3.790) со италијански Неумаркт (3.711). Дуелите за медали во сите конкуренции се играат денеска.
– Кога ќе ги земеме предвид состојбата на кугларницата „Мусандра“ во Скопје, квалитетот на нашата лига и фактот што имаме одиграно само еден пријателски и еден лигашки натпревар досега, треба да бидеме задоволни. Од натпреварувачки аспект, пак, сме разочарани, оти само за 30 кегли не се пласиравме во ЛШ. Од 2015 година досега, ова е најблиску што можевме да се пласираме во ЛШ – вели најдобриот куглар на Македонија за 2023 година, репрезентативец и член на Макпетрол, Младен Донковски.
Во истиот куп, кај кугларките, Пелистер Пин го освои 13-то место (3.124). Последни куглаа Емилија Илијевска (523) и Емилија Переска (512). Во полуфиналето играа чешки Слован Росице (3.535) против словенечки Камник (3.470) и хрватска Млака (3.582) против австриска Виена (3.454).
На 35-от Европа-куп (15 тима) во Апатин (Србија), Вардар 2014 го освои 13-то место (3.362). Во последниот ден се натпреваруваа Ивица Петрески (553) и Дарко Димитровски (594). Полуфинале: Трстена Старек (Словачка, 3.737) – Нојнкирхен (Австрија, 3.719) и Рајндорф (Германија, 3.737) – Задар (Хрватска, 3.568). Во 22-от НБЦ-куп (25 тима) Пелистер 1982 е 19-ти (3.369), а ГТЦ Мусандра е 23-та (3.258). Во третиот ден за битолчани куглаа Владимир Талевски (558) и Тоде Ристевски (577), а за ГТЦ Мусандра Лазо Анастасов (566) и Менсур Ајдин (586). Во полуфиналите дуели играа Мертојак (Хрватска 3.688), каде што настапува Димитар Димитровски, против Клајнварасдорф (Австрија, 3.686) и германските тимови Викторија Бамберг против Епелхајм (3.682).
Во ЛШ од Светскиот куп се пласираа првите осум екипи, од Европа-купот првите пет, а од НБЦ-купот првите три клуба. Лани во истите купови, Макпетрол беше 11-ти (победи италијански Неумаркт), Вардар 2014 осми (победи германски Раиндорф), Пелистер на 21-то место, а ГТЦ Мусандра на 22-то, (победи хрватски Задар), додека женската екипа на Пелистер Пин беше 12-та во НБЦ-купот. Ниту еден македонски претставник не обезбеди пласман во ЛШ. Г.И.