На еврозоната не и се заканува рецесија, а состојбата со инфлацијата се развива во добра насока, изјави денеска претседателката на Европската банка (ЕЦБ) Кристин Лагард на прес-конференција по одлуката за намалување на референтната каматна стапка од 25 базични поени на 3,25 отсто.
Една земја-членка на еврозоната, поточно Германија, се соочува со тешки околности, но тоа не значи дека целата еврозона е погодена на ист начин. Врз основа на информациите што ги имаме во моментов, не гледаме рецесија во еврозоната“, додаде Лагард, пренесе Блумберг.
Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) денеска одлучи да ги намали трите клучни каматни стапки за 25 базични поени, така што каматната стапка на депозитите сега изнесува 3,25 отсто, каматната стапка на главните операции за рефинансирање е 3,40 отсто, а каматната стапка на маргиналната кредитна линија е 3,65 отсто.
Добиените информации покажуваат дека процесот на постепен пад на инфлацијата е „на добар пат“, се наведува во соопштението, а овие зборови ги потврди и Лагард, која прецизираше дека сите показатели за инфлацијата се движат во добра насока.
Еврото значително падна во однос на доларот по одлуката за намалување на каматните стапки.
Неговата вредност падна за 0,35 отсто на 1,08213 долари во 16:10 часот.