Адвокатот Владимир Туфегџиќ, по денешното трето рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска (14) од Скопје и Панче Жежовски (74) од Велес, што се случија лани во ноември, денеска во својство на бранител на Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка имаше сериозни забелешки на изјавите на сведоците. Тој изјави дека инспекторот не ја кажал вистината во судницата дека Александар не бил малтретиран.
– Пред него се одвивала целата тортура кон Александар. Бил тој, заедно со уште тројца колеги, ако не грешам, можеби двајца, но Алекандар самиот ќе појасни во своето сведочење. Не е точно тоа што го рече, оти Александар не е малтретиран пред неговите очи. Имаме лекарски белешки од „Систина“ дека се утврдени повреди кои се настанати точно во периодот кога Александар бил во полиција. Александар самиот ќе објасни кога ќе сведочи, се работи за физичка тортура – рече Туфегџиќ.
Тој имаше забелешки и на сведочењето за однесувањето на неговиот клиент Александар Ѓорчевски и на Гоце Трајковски, додавајќи дека тие двајцата преку свои пријателски врски ја обезбедиле снимката на која се детектира некоординирано и чудно движење на две возила во однос на другите возила. Додаде и дека таткото на Вања и сите што му помагале прво ги собирале снимките од видеонадзорот и од безбедносните камери, во што учествувала и мајката Зорица Ѓорчевска и нејзин роднина, а подоцна и снимките од камерите на „Сејф сити“.
– Поразително е што началник на полиција рече дека додека не стигнале наодите од истрагата на Гоце и Александар тој немал никаква насока ниту имал претстава што се случило со исчезнатите луѓе. Тоа е она за што сите ние треба да бидеме загрижени. Се добива општа слика дека сите многу повеќе се ангажирале од самата полиција, на која тоа и е работа. Вистината е дека токму овој инспектор кој денеска сведочеше побарал од Гоце да ја обезбеди снимката од бензинската пумпа во Велес и тоа Гоце го прави преку негов пријател, за кој подоцна дознавме дека е негов братучед, а сè со цел да се помогне во расчистувањето на случајот – рече адвокатот Туфегџиќ.
Тој додаде дека Гоце Трајковски ќе сведочи на 15 ноември и ќе даде разумно и логично појаснување за снимките.
На новинарско прашање зошто набрзо по исчезнувањето на Вања нејзиниот татко Александар, отишол да ја бара во Сарај, Арачиново и во Блаце.
– На инспекторот му било сомнително што оди кон Блаце, му било сомнително што Александар давал препоставки дека Вања е киднапорана и убиена, а вистината е дека Александар во тој момент се однесувал како мува без глава и секој кој бил со него тоа може да го потврди. Инспекторот направи и една многу лоша споредба за однесувањето на мајката, дека била смирена и прибрана, па да го прашаме господинот што сака да каже со тоа дека мајката е смирена и прибрана? Секој од нас на различен начин доживува тага или среќа. Добро е што овој човек повеќе не е раководител на така важен оддел во полиција – заклучи Туфегџиќ.