Во последните години свесноста за убавина и за нега на кожата значително се во подем, денешните жени навистина многу внимаваат на својот изглед, а посебно внимание обрнуваат на кожата на лицето
„Кожата говори за вас“ е само една од темите што беа разработени на регионалната конференција „Профемина 2018“, која се одржа во петокот.
Докторката Наташа Теовска Митревска, дерматовенеролог од „Ре-медика“, една од говорничките, вели дека желбата на голем број жени во светот е колку што можат повеќе да го одложуваат процесот на стареењето на кожата и да ги зачуваат нејзината природна убавина и свежина. А за да се задржи свежината на кожата, потребно е да се избегнуваат производи што ја сушат и иритираат кожата посебно во период кога имаме и промени во климата што дополнително ќе се одразат на нашата кожа.
– Прераното стареење на кожата не е последица само на годините, туку и на различните надворешни влијанија, како и хормоналните и генетски фактори. Сонцето е едно од најштетните нешта за кожата. УВА-зраците се пробиваат длабоко во кожата, го уништуваат колагенот и предизвикуваат хиперпигментација. Поради тоа, задолжително мора да користите производи со заштитен фактор што нема да ја иритираат кожата и ќе ја заштитат од штетните УВ-зраци. Кога купувате креми обрнете внимание на состојките во нив. Други причини се недоволната консумација на течности, стресните ситуации, разни типови иритации, алергии и неправилна и недоволно здрава и богата исхрана – вели Теовска Митревска.
Негата на кожата треба да трае во текот на целиот живот, а не само во одредени периоди.
– Секојдневна нега на лицето треба да има и навечер и наутро, да се измива лицето со мицеларна вода, која ќе им остави простор на порите да дишат и ќе ги чисти од сите нечистотии што се насобрале во нив во текот на денот. Тонерите, сапуните, како и влажните марамчиња, не се доволно ефикасни и не навлегуваат длабински во подкожното ткиво на кожата – објаснува Теовска Митревска.
Козметиката треба да се избира зависно од типот на кожата на лицето. Исто така изборот на козметиката зависи и од возраста и од годишното време.
– Во последните години свесноста за убавина и за нега за кожата значително се во подем, денешните жени навистина многу внимаваат на својот изглед, а посебно на кожата на лицето. Македонските жени не експериментираат и досега во моето искуство ги следат нашите совети за подмладување на кожата, најчесто на лицето вратот и телото. Најбарани се ласерските постапки и навистина со минимална корекција без несакани ефекти се постигнуваат одлични резултати со брзо закрепнување. Но она што се случува во Македонија е експанзија на апликација на дермални филери. Апликација на ботокс на места што не се соодветни и од лица што не се доволно стручни за таа проблематика – додава Теовска Митревска.
Шминкерката Магдалена Медичи исто така истакна дека клучниот фактор е секојдневната нега на кожата, а под ова се подразбира, чистење, тонирање и хидрирање на кожата.
– По овие основи три точки, додаваме креми и серуми против стареење на кожата за соодветната возраст, за целото лице и за областа околу очите и усните. За да го надмудриме времето и да го одолжиме процесот на стареење на кожата, задолжително мора да ја отстрануваме шминката навечер, да ги повторуваме трите чекори од утринскиот ритуал, и да додадеме ноќен крем во комбинација со уште некој друг препарат, по можност колаген, хијалурон, пептиди и слично – вели Медичи.
Според неа, најчестата грешка при изборот на крем за лице или негата воопшто е тоа што некои жени не знаат да одберат вистински препарат за својата возраст и тип на кожата, па или ја замастуваат или ја дехидрираат кожата, не ја ексфолираат барем еднаш неделно, што е задолжителен процес за над 30 години, и не користат висок заштитен фактор, а го изложуваат лицето на сонце. Затоа во многу случаи се јавува мелазма, која е скоро невозможно да се санира и да се врати здравиот и чист изглед на кожата.