Бугарија сѐ посериозно се соочува со губење милијарди евра што ги очекува од Брисел
Европската комисија (ЕК) покажува знаци на губење на трпението со Бугарија, бидејќи официјална Софија повеќе од две години го одолжува усвојувањето на реформите за продолжување на плаќањата според планот за закрепнување и одржливост. Тоа стана јасно на минатонеделната средба помеѓу бугарската министерка за финансии Људмила Петкова и еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.
– Бугарија не може повеќе да го одложува носењето политичка одлука за измените на нејзиниот план за закрепнување и одржливост – ѝ рекол Џентилони на бугарската вицепремиерка и министерка за финансии, како што објави бугарското министерство за финансии.
Петкова му рекла на Џентилони дека преодната влада во Софија брзо ќе продолжи да разговара и да ги одобри предложените промени во планот за закрепнување од Националното собрание.
Минатата недела Петкова го повика парламентот да ѝ даде мандат на преодната влада да преговара со Европската комисија за планот за закрепнување и одржливост, со цел земјата да не загуби милијарди евра. Но парламентот влезе во предизборна пауза без да го исполни барањето на Петкова.
Бугарија ја доби само првата рата од 1,3 милијарда евра во 2022 година, по што не ја исполни својата обврска да добие втора рата од 635 милиони евра од 4,7-те милијарди евра што ги очекува од Брисел.
Бугарија го поднесе своето барање за втора исплата според планот за закрепнување на почетокот на октомври минатата година, но Европската комисија ја замрзна исплатата со образложение дека реформите не биле усвоени или не биле соодветно усвоени.
За да избегне губење на парите, Софија мора да спроведе неколку клучни реформи, вклучувајќи го и нејзиниот патоказ за климатска неутралност, кој беше блокиран пред десет дена од популистичките партии во парламентот што се залагаат за зачувување на употребата на јаглен. Повод за случувањата во бугарскиот парламент беше владиниот извештај за планот за закрепнување, според кој Бугарија ќе одвои 250 милиони евра за рекултивација на локациите на рудниците за јаглен. Р.С.