Фото: Принтскрин

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков е задоволен од сработеното во првите 100 дена од работата. Најавува нови проекти и иницијативи кои ќе ја унапредат културната понуда. Ветува дека Скопје ќе има Универзална сала која ќе биде готова до 2028 година, но дека таа ќе биде изградена на законски и легален начин.

На денешната прес-конференција, Љутков посочи дека Универзалната сала е преземена од Град Скопје на незаконски начин со бројни прекршувања на законските прописи во постапката за преземање и во постапките на спроведување на јавните набавки.

– По темелно и стручно прегледување на целокупната документација, процес кој траеше два месеци, Извештајот е готов и фактите потврдени од професионалци и искусни правници, вработени во Министерството за култура и туризам, говорат дека Универзална сала е преземена од град Скопје во Министерството за култура и туризам на незаконски начин, во постапка која е проблематична – со прекршувања на повеќе закони.

Констатирано е дека склучениот договор од страна на Министерството за култура и Град Скопје има контрадикторни одредби, не е заверен на нотар, не содржи таксативно кои права и обврски се предаваат и што всушност се предава, а договорот и решението за реконструкција од 22 март годинава издадено од општина Центар, не се запишани во Катастарот на недвижности. На Министерството за култура не му биле пренесени во целост правата и обврските согласно закон (за втора фаза од реконструкцијата).

– Министерството за култура и туризам условно исполнил само еден од двата кумулативни законски услови предвидени во член 70 од Законот за градење, за да може да се стекне со статус на инвеститор, а тоа е: со склучување на посебен договор помеѓу претходниот и новиот инвеститор, да ги преземе правата и обврските кои претходниот инвеститор ги имал со учесниците во градењето, додека не го исполнил и вториот законски услов, а тоа е да биде носител на правото на градење – рече Љутков, додавајќи дека постапките по јавни набавки кои се распишани и спроведени од страна на поранешното раководство на Министерството за култура и туризам, имајќи ги во предвид констатираните недостатоци и пропусти во постапката Министерството за култура да има статус на инвеститор на реконструкцијата, се поништени.

Целата документација е предадена на Основното јавно обвинителство, а министерот се надева дека истражните органи ќе постапат согласно нивните надлежности.

Во тек е подготовка на стручен извештај со податоци за изврешните и неизвршените градежни работи на објектот, како и за евентуална потреба од изведување на дополнителни градежни работи предизвикани од пожарот што го зафати овој објект. Во меѓувреме до Владата се доставени измени на постојниот Закон за култура со кои ќе се номинира надлежноста на Министерството за култура и туризам да го врши правото на реконструкција и над објекти кои се во општинска сопственост.

Осврнувајќи се на сработеното во првите 100 дена од работењето, министерот рече дека затекнале состојба на долгови за неисплатени плати за културните работници, девастирани и неосигурани институции со раководства без стратегија, проекти без утврдени приоритети и динамика на реализација, скратени средства за програмски активности и неисплатена чланарина за континуирано функционирање на библиотечно-информацискиот систем COBISS.MK.

– Оваа година Министерството за култура и туризам како последица на неефикасното и недомаќинско работење ќе плаќа поскапа струја бидејки предходното раководство повеќе се грижело за набавка на куфери отколу за навремено објавување на Јавната набавка за електрична енергија, која требало да биде  спроведена  во април годинава – рече Љутков.

Според Љутков, се работи на продолжување на стопираните или заглавени проекти како што се реконструкцијата на Музејот на Македонија, изградбата на театарот во Струмица, изградбата на Турскиот театар и на Театарот и библиотеката во Тетово и реконструкцијата на Театарот во Куманово….

Почната е и реконструкцијата на Музејскиот комплекс „Музеј на вода“ во Охрид каде е доекипиран кадарот и извршена е реконструкција на оштететниот систем за надводнување, а за следната година се планира санација на платформата на наколната населба и на покривните покривки на колибите. На Плаошник, во тек се активностите за довршување на изградбата на Светиклиментовиот универзитет….

Се планира и ревитализација на Скопското кале кое со години е затворено за јавноста. Работната група, како што посочи Љутков, е веќе формирана и обезбедени се средства преку Управата за заштита на културното наследство. До 2028 година за потребите на Скопје – европска престолнина на културата се планира Шалтер салата во објектот на Македонска пошта во центарот на Скопје да прерасне во мултифункционален комплекс.

Во делот на туризмот, кој со реорганизацијата на министерствата, потпадна под Министерството за култура, Љутков рече дека соработката со германскиот туроператор „РСД“  треба да донесе 35 илјади туристи од Европа годишно, почнувајќи од февруари идната година.