Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наративите дека сепак станува збор за солидна поддршка на Унијата паѓаат во вода ако се земе предвид неизвесноста околу евроинтегративниот пат на земјава, но и позициите на ЕУ околу проширувањето, вклучувајќи ги и внатрешните европски проблеми, така што многу поверојатно е дека поддршката за Унијата само дополнително ќе паѓа ако Македонија не добие јасна временска рамка и прецизни критериуми за членство наместо само празни ветувања, во кои никој повеќе не верува

На последните истражувања македонските граѓани искажаа длабока разочараност од ЕУ

Многуте разочарувања што Европската Унија ѝ ги приреди на Македонија изминативе три децении влијаеја врз довербата што македонските граѓани ја имаат кон неа, па безусловната поддршка за зачленување во европското семејство од година на година почна да се разводнува и да се манифестира во отворен евроскептицизам, кој забрзано се шири во општеството.
Ако до пред само десет години поддршката што македонските граѓани ја давале кон ЕУ била 80 отсто, денес таа веќе падна под 60 отсто и доколку Унијата продолжи да ги поддржува уценувачките политики наметнати кон земјава од страна на Бугарија, тогаш не е исклучено оваа поддршка во следните години да се симне и под 50 отсто.
Добра шанса ЕУ да го поврати разнишаниот кредибилитет кај Македонците беше да дозволи започнување на пристапните преговори веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, но Брисел и тогаш, без оглед на дадените ветувања, не го испорача долгопосакуваниот датум за Македонија. Подоцна, со отворената поддршка што ѝ ја даде на официјална Софија за новите условувања кон земјава, во кои се вметнаа идентитетски, јазични и историски прашања, ЕУ дефинитивно ги загуби симпатиите меѓу македонските граѓани.
Влијание врз падот на поддршката на македонските граѓани за ЕУ имаат и внатрешните случувања во Унијата, видливата поделеност меѓу земјите членки, обидите секоја за себе да се спаси од економскиот колапс во кој Европа запаѓа поради војната во Украина, но и бавниот процес на внатрешните реформи со кои требаше да се спречи наметнувањето одредени политики на земјите членки, кои се исклучиво во нивен интерес, но не и од интерес на ЕУ.

Некогашните високи 80 отсто паднаа под 60 отсто поддршка

Најнова потврда дека поддршката на македонските граѓани за ЕУ падна под 60 отсто покажува и последната анкета на Институтот за европска политика, чии резултати покажуваат дека 58,4 отсто од анкетираните граѓани целосно ги поддржуваат евроинтеграциите на земјата.
Наративите дека сепак станува збор за солидна поддршка на Унијата паѓаат во вода ако се земе предвид неизвесноста околу евроинтегративниот пат на земјава, но и позициите на ЕУ околу проширувањето, вклучувајќи ги и внатрешните европски проблеми, така што многу поверојатно е дека поддршката за Унијата само дополнително ќе паѓа ако Македонија не добие јасна временска рамка и прецизни критериуми за членство наместо само празни ветувања, во кои никој повеќе не верува.
– Искрено верував во Европската Унија и сметав дека таа со својот кредибилитет ќе биде мотив за земјава да направи реформи во сите области и на тој начин да го забрза патот кон полноправно членство. Но кога водечките европски политичари од форматот на една Ангела Меркел, Тереза Меј и Емануел Макрон ќе ни порачаат дека промената на името е последниот услов и потоа нема да си останат на зборот, тогаш каква поддршка очекува ЕУ од нас? Јас лично веќе не им верувам што ѝ да кажат, така што кога еднаш ќе се изгориме на млеко, сега ќе дуваме и на јогурт. Треба ЕУ да направи некаков гест за да покаже дека е сериозна во намерите да нѐ прими, еве, доволно е да ја отстрани бугарската блокада за да ги почнеме преговорите или да го отфрли бугарскиот документ дека тие не ни го признаваат јазикот. Ако сакаат, можат да направат нешто за да го повратат кредибилитетот, но очигледно не сакаат. Како тогаш да ги поддржуваме и да им веруваме – вели Жарко Павлески, образовен асистент од Скопје.
Според него, ако ЕУ продолжи со поддршката на бугарските уцени, во следните десет години довербата на македонските граѓани во Унијата ќе падне и под 50 отсто.

ЕУ доволно разочара, да не разочараме самите

Аналитичарите оценуваат дека падот на поддршката кон ЕУ е исклучиво вина на Брисел, кој не ги испочитува дадените ветувања кон Македонија, а граѓаните откако беа понижени со промената на името, сега сѐ помалку им веруваат на европските бирократи.
– Очекувано е таа поддршка за членство во ЕУ да опадне по француското, а потоа и ветата што ги стави Софија билатерализирајќи ја преговарачката рамка за Македонија. Земјава предолго и во повеќе наврати е изложена на разочарувања и непринципиелни постапувања од ЕУ, без оглед на постојаните охрабрувачки пораки од претставници на другите земји членки и нивни амбасадори тука. Бесперспективноста, односно уверувањето дека и не се гледа баш начин (или брзо решение) како тој пат ќе се откочи, логично, го зголемува и евроскептицизмот и ја намалува поддршката за членство на Македонија во ЕУ, кое од година на година со секое ново разочарување опаѓа. Ако некогаш таа поддршка изнесувала 80 отсто, падот од 22 отсто не е мал, колку некој да го објаснува тоа како незначително – велат некои од експертите за европски прашања.
Според нив, ова на некој начин треба да биде и отрезнување на домашните политичари да почнат да работат на развој на државата, а не да повторуваат дека ЕУ е единствената алтернатива за земјава.
– Ова е добра лекција дека конечно сами треба да почнеме да ја развиваме државата и да сфатиме дека имаме и знаење и сили за такво нешто. Доста ги слушавме мантрите на некои транзициски ликови дека „без ЕУ ни нема спас, ќе пропаднеме“. Се покажа дека во овие 30 години не пропаднавме, иако не сме дел од ЕУ, туку, напротив, само ќе демонстрираме дека сме способни, подобни и пожелни за членство во ЕУ. Тоа е всушност и таа алтернатива (без ЕУ) што ја живееме веќе 30 години – посочуваат експертите.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски се согласува дека ЕУ со својот однос кон Македонија придонела за големата разочараност кај граѓаните.
– Голем дел граѓани се разочарани од односот на ЕУ, но реално не очекувам поддршката да падне под 50 отсто. Сметам дека по претседателските избори во САД и десниот бран во Европа работите ќе се придвижат кон подобро за Македонија – вели Пекевски.
И тој смета дека ние самите дома треба да покажеме некакви резултати наместо да се разочаруваме од ЕУ и да плачеме над нашата судбина.
– Ако не ја решиме корупцијата, а не ја решаваме, само зборуваме без да направиме некакви дела на тој план, никогаш нема да влеземе во ЕУ. ЕУ бара резултати во некоја сфера, без резултати нема да ни даде ништо, а ние немаме резултати во ниедна сфера. Треба дефинитивно да покажеме некое дело – категоричен е Пекевски.