Фото: Игор Бансколиев

Алкохолот сѐ повеќе е причина за сообраќајните несреќи во Скопје, покрај брзото возење, непочитувањето на правилата за првенство на минување, недржењето страна и правец на движење, непрописното движење и свртување. Минатата година дури 300 возачи во земјава управувале возило под дејство на алкохол. Само во Скопје лани 107 пијани возачи седеле зад воланот и учествувале во сообраќајот. Само ако се застане и се фрли поглед на скопските сообраќајници во вечерните часови ќе се забележи дека голем број автомобили се управувани од алкохолизирани возачи. Во почетокот на јули годинава се укина забраната за продажба на алкохол во трговијата по 19 часот, но од СВР-Скопје не го добивме податокот што го побаравме, дали сега поради ова е зголемена бројката на алкохолизирани лица, за разлика од претходно, кои седнуваат зад воланот.

Според извештајот на СВР-Скопје, за направените контроли, само за еден ден, а како карактеристичен го издвојуваат 13 август годинава, дури 116 возачи возеле побрзо од дозволената брзина. Од нив, од сообраќај биле исклучени осум возачи, затоа што возеле под дејство на алкохол. Последните информации од Секторот за внатрешни работи од Скопје, велат дека на 12 ноември годинава од спроведената акциската контрола, биле откриени 16 возачи што во алкохолизирана состојба управувале моторно возило.

Дали станува збор за возење по консумирање алкохол, непочитување на пропишаните брзини за движење низ градот, непочитување на сообраќајните знаци или едноставно некористење сообраќајна сигнализација, одговорноста на некои од возачите во сообраќајот ја нема. Оттаму произлегуваат и големиот број сообраќајни несреќи. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, за 2017 година во сообраќајни несреќи биле повредени 1.670 лица.

Значаен дел од проблемот со сообраќајните несреќи, претставуваат сообраќајките предизвикани од алкохолизирани возачи. Алкохолот во крвта на возачите влијае така што тие не се во можност навреме да реагираат, им се нарушува слухот и се јавуваат ред други придружни појави што се предизвикани од алкохолот. Тој влијае на организмот кај човекот и го оневозможува ефикасното управување со возилото.
– Алкохолот по консумирањето кај организмот предизвикува одложена реакција.

Пример, доколку лицето треба да закочи во даден момент, ќе закочи подоцна отколку што треба. Доколку видел црвено светло информацијата доаѓа навремено, но процесирањето на истата таа е забавено. Исто така враќањето на информацијата може да биде навремено, но реакцијата од потребната акција да биде забавена затоа што алкохолот влијае на централниот нервен систем. Истовремено, концентрацијата се намалува, видното поле се намалува и перципирањето на дејствата се намалува. Според тоа колку повеќе алкохол во организмот има, толку повеќе се одложува реакцијата на организмот. При тешка алкохолна интоксикација се губи ориентацијата за простор, време и за препознавање други личности. Во такви случаи лицето може да не знае со кого е, каде е, но и да изгуби свест. Важно е да се напомене дека алкохолот влијае различно кај луѓето. Некој организам е почувствителен на алкохол додека, пак, друг организам е поотпорен. Затоа сметам дека е потребна нула толеранција кога станува збор за возење и алкохол – вели докторката Светлана Палевска.

Во различни држави има различен праг на толеранција, поточно максимално дозволени количества на алкохол во крвта. Во нашата држава лимитот на дозволено количество на алкохол во крвта изнесува 0,5 промили, а за професионалните возачи не е дозволено присуство на алкохол во крвта. Според податоците од Европската комисија за мобилност, транспорт и сигурност на патот, во државите од Европската Унија дозволеното количество алкохол се движи од 0 до 0,8 промили. Во Германија доколку се утврдат повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта, следува казна од 500 евра. А доколку сте казнети повеќе од еднаш за возење во пијана состојба, износот може да се зголеми на 3.000 евра. Покрај тоа, во овој случај на возачот може да му се одземе возачка дозвола за период од еден месец. Непочитување на нашата законска одредба предвидува глоба од износ на 225 до 400 евра, во зависност на пречекорувањето на алкохолот во крвта. А доколку утврдениот процент на алкохол е поголем од пропишаното, тогаш за возачот се предвидува исклучување од сообраќајот.

Кога не станува збор за сообраќајни несреќи настанати од немарност, туку од дејство на алкохол постои голема можност несреќите да завршат фатално. Во 2017 година има седум загинати лица, шест лица со потешки повреди и 436 повредени лица, кои управувале со возило под дејство на алкохол. Според РСБСП, управувањето моторно возило под дејство на алкохол е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици во Република Македонија и во светот.

– Сите оние што сметаат дека е во ред да имаат испиено неколку пијачки пред да седнат зад воланот ги потсетуваме дека вреди да се размисли пред да направат нешто непромислено. Помислата „вчера пиев и возев и пак стигнав безбедно дома“, заборавете ја! Не стигнавте безбедно дома, само имавте среќа да стигнете дома. Возете одговорно и останете безбедни во сообраќајот. Околу 1,3 милиони луѓе годишно го губат животот во сообраќајни незгоди – советуваат од РСБСП.


Казнети шест возачи поради немање зимска опрема

Во последната полициска контрола шест возачи немале зимска опрема и покрај обврската таа да биде составен дел од опремата на секој возач, правило што стапи во сила од 15 ноември годинава. Според информациите на Министерството на внатрешни работи, шестемина возачи биле санкционирани, во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој трае од 15 ноември годинава до 15 март идната година. Доколку не се почитуваат законот, со пропишаните одредби се предвидува казна во износ од 45 евра, односно регистрирање 25 негативни бодови, во согласност со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Под зимска опрема за моторни возила што не надминуваат 3.500 килограми се подразбираат зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала, пак, подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази од најмалку четири милиметри. Синџири за снег е потребно да поседува секое возило со пневматици со летен профил и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената оска. За моторните возила со маса над 3.500 килограми се предвидени гуми на погонските тркала со минимална длабочината на шарите од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите од минимум четири милиметри, како и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Автобуси и товарни моторни возила, кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала и лопата. Зимски пневматици се оние пневматици што на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.