Фото: Архива „Нова Македонија“

Почетокот е во 10 часот, а свеченото отворање од 12 часот

КАРАТЕ – ДЕНЕСКА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА КК МЕТАЛУРГ

Годинашново 41. издание на традиционалниот меѓународен меморијален карате-турнир „Никола Грдановски-Нике“, во организација на еден од најтрофејните карате-клубови во Македонија, Металург, кој годинава слави 55 години од своето формирање, ќе се одржи утре, во спортската сала „Методи Андонов-Ченто“, во дворот на ОУ „Наум Наумовски-Борче“ во скопската населба Маџари. Почетокот на турнирот е во 10 часот, а свеченото отворање е од 12 часот. Прво на татамите ќе бидат натпреварите во кати, поединечно и екипно, а потоа ќе следуваат натпреварите во борби, поединечно и екипно.
На турнирот ќе настапат каратисти од Македонија, Црна Гора, Бугарија, САД и од Косово. Ќе се доделуваат трофеи за најдобрите ката и борби-тимови, како и за сениорите во ката и во кумите опен. Потоа трофеи за најдобрите натпреварувачи во ката и борби, како и за најдобар странски и домашен клуб и за најдобриот судија, а ќе се реализира и проектот СЦАЕД (спортска исхрана н.з.), при што секој клуб ќе добие прирачник.
– Во чест на секогаш присутното пријателство, кое постоеше помеѓу младите и Никола Грдановски-Нике, кој трагично почина на 26 јануари 1979 година, како и неговата голема љубов кон карате-спортот, востановен е овој традиционален меѓународен меморијален карате-турнир, кој со успех се одржува. Каратистот Грдановски беше еден од основачите на карате-клубот Металург, а наедно и натпреварувач, тренер, мајстор на карате-спортот со црн појас прв степен. Овој турнир е со најдолга традиција и репутација во сениорска конкуренција, во борби и во кати, во Македонија, а досега многу квалитетни поединци, екипи и репрезентации биле учесници, притоа покажувајќи ги своите вештини во овој масовен спорт – вели искусниот тренер на Металург, Мирче Јанушевски. Г.И.