Македонската диригентка маестра Дијана Имери Илкоска неодамна гостуваше во Грузија, каде што работеше како асистент-диригентка на славниот маестро од Италија Клаудио Вандели. Нејзиниот ангажман овој пат следуваше по минатогодишниот успешен концерт, кој го реализираше со младинскиот оркестар „Гија Канчели“ во Грузија, од каде што доби покана повторно да соработува со ансамблот што се смета за еден од водечките младински оркестри во Европа.
Поканата, всушност, да гостува маестра Имери Илкоска во Грузија и оваа година дојде од страна на реномираниот фестивал за класична музика „Цинандали“, а нејзината соработка со маестро Вандели на крајот беше оценета мошне позитивно од страна на оркестарот, на публиката, од музичкиот директор на престижниот фестивал „Вербие“ и на фестивалот „Цинандали“, Џанандреа Носеда, од славниот виолинист Џошуа Бел и, секако, од самиот маестро Вандели, кој напиша и свое видување за соработката.
Меѓу другото, тој истакна: „Имери Илкоска успеа да го подигне оркестарот на многу високо ниво на изведба, остварувајќи успешна комуникација, притоа покажувајќи ги најдобрите индивидуални и колективни квалитети на изведувачите… Работеше со големо разбирање на оркестарската боја, стил, баланс и наративен концепт. Ми беше задоволство да соработувам со Дијана и да ги видам нејзиниот талент, подготовка, професионализам, посветеност, страст и радост за создавање музика. Токму оваа енергија е потребна на секој оркестар што сака да ги осветли делата на големите композитори…“
Маестра Дијана Имери Илкоска не го крие огромното задоволство од ова свое искуство, за кое вели дека е непроценливо.
– Повеќе од почестена сум од мојата работа во Грузија како диригентка, а особено да слушнам вакви пофални зборови од толку голем и светски реномиран диригент и уметник, како што е маестро Клаудио Вандели. Вистински ветер во грб, во момент кога ме очекуваат големи предизвици на меѓународната сцена – вели Имери Илкоска.
Маестра Имери Илкоска со голема радост го најавува своето следно гостување во Софија, Бугарија, кога ќе застане зад диригентскиот пулт со престижната Софиска филхармонија, во сезона во која настапуваат врвни светски диригенти и солисти.
Исто така, во ноември ќе гостува во „Коларац“ во Белград, овој пат како аранжер, во рамките на познатиот „Чело фестивал“. Инаку, Имери Илкоска повеќепати се јавува и како аранжер на дела за разновидни ансамбли и формации што се изведуваат на нашата и на меѓународната сцена.