Фото: Емил Јовановиќ

Ова беше мојот најдобар натпревар досега и навистина е убаво чувството да завршам така. Во остатокот од годината ќе играм само забрзан и брз шах, а потоа во декември и на финалето на шаховска Турнеја на шампионите, рече Карлсен

ОНЛАЈН ТУРНИР ВО ШАХОВСКАТА ТУРНЕЈА НА ШАМПИОНИТЕ

Норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен ја освои Дивизијата еден на купот на генерацијата „Јулиус Баер 2024“, откако во големото финале го победи Алиреза Фирузја од Франција, со 2,5-1,5. По три напорни ремија, светскиот шахист број еден најде брилијантен начин да ја добие последната четврта партија, а со тоа и го освои првото место, пишува „Чес“. Купот е последниот од четирите настани на Шаховската турнеја на шампионите и одредува еден од играчите што ќе се пласираат во финалето на оваа турнеја. Настапија осуммина шахисти, се играше со темпо од осум минути плус две секунди по секој потег. Форматот беше двојна елиминација, каде што требаше да се изгубат два меча за да се биде елиминиран.
Американецот Весли Со триумфира во Дивизијата два, со победа во армагедон-партијата против младиот Белорусин Денис Лазавик (17), а Американецот Фабијано Каруана победи во Дивизијата три со 2,5-0,5 против Германецот Винсент Кејмер (19).
– Ова беше мојот најдобар натпревар досега и навистина е убаво чувството да завршам така. Во остатокот од годината ќе играм само забрзан и брз шах, а потоа во декември и на финалето на шаховска Турнеја на шампионите – рече Карлсен.
Тој исто така откри дека со нетрпение очекува да продолжи со својата добра форма на следниот настан, кој почна вчера, а тоа е Глобалната шаховска лига. Карлсен и Фирузја повторно ќе се сретнат во Осло на крајот на годинава, каде што заедно со уште осуммина други шахисти се пласираа во финалето на годинашнава Турнеја на шампионите, а тоа се Максим Вашер-Леграв, Јан Непомнијашчи, Со, Лазавик, Кејмер, Левон Аронијан, Александар Гришчук и Владислав Федосеев. Г.И.


Финалисти на Турнејата на шампионите за 2024 г.

ШАХИСТ БОД.
Алиреза Фирузја 340
Магнус Карлсен 330
Максим Вашер-Леграв 230
Јан Непомнијашчи 180
Весли Со 160
Денис Лазавик 143
Винсент Кејмер 135
Левон Аронијан 135
Александар Гришчук 115
Владислав Федосеев 105