„Модниот викенд Скопје“ се враќа со својата 29-та сезона во полн сјај, подготвен да ја редефинира модната сцена. Под мотото „Мода засекогаш“, од 25 до 28 октомври, културниот центар „Лабораториум“ ќе биде домаќин на најзначајниот моден настан кај нас што ќе ја истакне бескрајната моќ на модата како културна и економска сила.
Ова издание ќе биде фокусирано на иновациите и одржливоста – теми што ја обликуваат иднината на модната индустрија. Со особен акцент на креативната интерпретација, настанот ќе служи како платформа каде што локалните таленти ќе се сретнат со глобалните трендови, додека традицијата и футуризмот ќе се преплетуваат во уникатен моден концепт.
– Модниот викенд започнува со специјална изложба курирана од Амбасадата на Шведска. Изложбата „Мода засекогаш“ ќе ги нагласи циркуларната економија и еволуцијата на модната и текстилната индустрија, прикажувајќи ги најновите трендови, новите канали, иновативните алатки и бизнис-модели. Главниот акцент на оваа сезона е поставен на одржливата мода, креирањето нови визии за модната иднина и ангажирањето млади таленти, кои преку свои уникатни решенија ќе покажат дека модата може да биде еколошки свесна. Од изложбите што ќе ја отворат програмата, до креативните панели и модните ревии, посетителите ќе имаат можност да учествуваат во настани што го поттикнуваат дијалогот за одговорноста на модната индустрија кон животната средина – велат организаторите.
„Модниот викенд Скопје“ е платформа за визионерите на модната иднина, каде што секој чекор е инспириран од идејата дека модата е вечна, но секогаш приспособлива на новите времиња и предизвици. На настанот модата и културата се спојуваат во еден непрекинат тек на креативност и иновација.