На третото издание на меѓународниот театарски фестивал „Рута“ во Драмскиот театар – Скопје, в среда на 16 октомври, како претставник на театарот „Улисис“ од Хрватска, ќе биде изведено кабарето „Концерт за лажици и гитара“ под менторство на Раде Шербеџија и Ленка Удовички. Настапуваат Никола Недиќ и Марио Јовев. Продукцијата е на театарот „Улисис“ и театарот „Егзит“. Автор на видеото е Хрвое Залукар, а фотографиите се на Сашка Мутиќ.
– Во „Лажици и гитара“ двајцата артисти преку звуците на лажици, гитара и мандолина во својот настап, кој наликува на музицирањето на трубадурите, говорат поезија, раскажуваат за својот живот, а низ нивниот „откачен“ настап говори „гласот на разумот“. Секоја изведена песна има своја приказна и колку и да звучат забавно на сцената, до публиката од секоја песна допира заднината и длабоката порака за светот во кој живееме. „Концерт за лажици и гитара“ е авторски проект на Никола Недиќ и Марио Јовев, во кој на многу духовит и сатиричен начин ги допираат проблемите од секојдневниот живот како што се корупцијата, криминалот, капитализмот и иселувањето на младите – се вели во најавата.
Во 2020 година на меѓународниот актерски фестивал „Заплет“, за „Концерт за лажици и гитара“ Никола Недиќ и Марио Јовев добиле награда за најдобри млади глумци, а на 14. „Гумбекови денови“ во Загреб во 2021 година претставата го добила признанието за особен придонес и унапредување на кабаретскиот израз.
Кабарето доаѓа на фестивалот „Рута“ како претставник на театарот „Улисис“ на местото на веќе најавената претстава „Опера за три гроша“ со која од технички причини не се во состојба да допатуваат во Скопје.