Фото: „Нова Македонија“

Нѐ очекуваат уште четири меча, секој од нив е еднакво важен. Сега играме на гости со Летонија и со Ерменија. Ме радува фактот, а се надевам дека така и ќе остане, дека сѐ зависи од нас. Ќе бидеме задоволни ако и по овој собир бидеме на првото место, каде што сме сега, изјави селекторот Милевски, пренесе ФФМ, пред натпреварите со Летонија на 10 октомври и со Ерменија три дена подоцна, двата на гости, во лигата Ц на Лигата на нации

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА ДВАТА НОВИ МЕЧА ВО НАТПРЕВАРУВАЊЕТО НА УЕФА

Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски го објави списокот со 25 фудбалери за двата натпревара на гости во Лигата на нации на Европската фудбалска унија (УЕФА), со Летонија на 10 октомври и со Ерменија три дена подоцна. Дебитант во составот е дефанзивниот фудбалер на словачка Жилина, Андреј Стојчевски, пишува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Македонија води во групата 4, во лигата Ц, по првите две кола одиграни во септември, со четири бода, по ремито 1-1 на гостувањето кај Фарски Острови и победата во Скопје со Ерменија, со 2-0. На табелата потоа се Ерменија и Летонија со по три бода, а Фарски Острови има еден. Групната фаза на четвртата сезона на Лигата на нации треба да биде заокружена со уште две кола во ноември.
– Нѐ очекуваат уште четири меча, секој од нив е еднакво важен. Сега играме на гости со Летонија и со Ерменија. Ме радува фактот, а се надевам дека така и ќе остане, дека сѐ зависи од нас. Македонија се прашува за изгледот на табелата во оваа Лига на нации. Ќе бидеме задоволни ако и по овој собир бидеме на првото место, каде што сме сега – изјави Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија.
Македонија и Летонија досега одиграа три меѓусебен натпревари и во сите победи Македонија, двапати во квалификациите за Европското првенство во 2020 година и еднаш во пријателски меч во 2014 година во Скопје. Со Ерменија, пак, Македонија одигра рекордни 14 натпревари, забележа седум победи, три нерешени и четири порази.
Првопласираните во групите во лигите Б, Ц и Д ќе настапат во повисок ранг во следното издание на Лигата на нации. Од сезонава, второпласираните репрезентации во четирите групи во лигата Ц ќе се сретнат со третопласираните во лигата Б, во плејофот за пласман/опстанок еден ранг погоре (истото тоа важи и за лигите А и Б). Селекциите на четвртите места во секоја група на лигите А и Б ќе испаднат еден ранг подолу, како и две репрезентации од лигата Ц, а други две од тој ранг ќе играат плејоф за опстанок со селекции што ќе бидат на вторите места во двете групи во лигата Д.

По првите две кола во највисокиот ранг на Лигата на нации сезонава, лигата А, максимален ефект, по две победи, остварија репрезентациите на Португалија, Италија и на Данска. Лигата А сезонава е проширена со воведувањето четвртфинални дуели, во кои ќе настапат двете првопласирани репрезентации од секоја група, а потоа следува фајналфор-турнирот (домаќинот ќе биде одреден дополнително) в година. Актуелен победник на Лигата на нации, од лани, е селекцијата на Шпанија, која годинава стана и европски шампион. Претходни победници на Лигата на нации се и Португалија (во 2019 година) и Франција (во 2021 година).
Сезонава во Лигата на нации се игра според изменет формат, а и овој пат таа дава можност некои од репрезентациите што ќе ги освојат првите места во групите да се пласираат на големо натпреварување, овој пат на Светското првенство во 2026 година, во САД, Мексико и во Канада.

Според најавите, победниците на 12 групи од редовниот циклус квалификации директно ќе се пласираат на Мундијалот во 2026 година, а во плејофот за уште четири места ќе играат 12-те второпласирани и четири најдобри репрезентации меѓу победниците на групите во Лигата на нации што не се пласирале директно или не обезбедиле место во плејофот како второпласирани во квалификациските групи.
Собирот на македонската репрезентација за двата натпревара во октомври е закажан в понеделник во Скопје. Состав: голмани: Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Игор Алексовски. Одбрана: Висар Муслиу, Никола Серафимов, Јован Манев, Езѓан Алиоски, Бојан Димовски, Ахмед Иљазовски, Стефан Ашковски, Ѓоко Зајков, Андреј Стојчевски. Среден ред: Енис Барди, Јани Атанасов, Тихомир Костадинов, Елиф Елмас, Исник Алими, Давид Бабунски, Димитар Митровски. Напад: Бојан Миовски, Милан Ристовски, Дарко Чурлинов, Александар Трајковски, Лирим Ќамили, Марио Илиевски. Н.М.


ЛИГА Ц, ГРУПА 4

Летонија – Македонија 10.10
Фарски О. – Ерменија 10.10
Табела
Македонија 2 1 1 0 3-1 4
Ерменија 2 1 0 1 4-3 3
Летонија 2 1 0 1 2-4 3
Фарски О. 2 0 1 1 1-2 1