КОШАРКА – СУПЕРКУП НА МАКЕДОНИЈА „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“

Кошаркарите на МЗТ Скопје го освоија седмиот трофеј во суперкупот на Македонија „Драган Василов-Цевка“, откако во СРЦ „Кале“ во Скопје го совладаа битолски Пелистер со 78-64. Аеродромци претходно триумфираа во 2003, 2015, 2016, 2021, 2022 и во 2023 година. Кај МЗТ Скопје најефикасен беше Брендон Слај со 14 коша, а кај Пелистер Андреа Бојиќ со 26 поени.
– Ја знаевме тежината на мечот, но и дека по првото полувреме ќе одиграме многу подобра одбрана и напад. За нас ова е добро отворање на сезоната и нов трофеј во Аеродром – изјави тренер на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.
Актуелниот освојувач на сите три трофеи во женската конкуренција Баскет Кам од Македонска Каменица беше подобар од младиот тим на МЗТ Скопје со 74-54. Кај Баскет Кам најефикасна беше Катерина Поп-Димитровска со 21 кош, а кај МЗТ Скопје Ана Сарафилоска со 17 поени.
– Убаво е да се почне сезоната со победа, бидејќи тоа дава дополнителен мотив и самодоверба. Сепак, свесни сме дека има простор за подобрување и дека осцилациите во нашата игра треба да се коригираат. Работиме на анулирање на тоа и целиме кон усогласување на формата на тимот – рече тренерката на Баскет Кам, Жаклина Стојановска. Г.И.