Фото: ЕПА

Русија беше најголемиот снабдувач на нафтени масла за ЕУ во четвртиот квартал од 2021 година, со учество од 24,8 отсто. Во однос на нафтените масла, забраната на ЕУ за увоз по морски пат на руска сурова нафта стапи во сила на 5 декември 2022 година, по што следуваше ембаргото за рафинирани нафтени производи од 5 февруари 2023 година. Поради овие мерки Русија повеќе не е меѓу седумте главни партнери

ЕУ се бори со трендот за намалување на снабдувањето со енергетски производи од исток

Во тековнава година во ЕУ е регистриран тренд на намалување на увозот на енергетски производи во Европската Унија. Најновите податоци за вториот квартал од тековната 2024 година покажуваат дека ЕУ увезе енергетски производи во вредност од 94,9 милијарди евра, или вкупно 177,9 милиони тони. Во споредба со истиот квартал од 2023 година, увозот е намален и по вредност за 10,7 проценти, но и во нето-маса за 9,7 отсто.
Европскиот статистички центар објави дека има мал пораст кај вредноста на увезените нафтени масла за 5,6 проценти во споредба со вториот квартал од 2023 година, додека обемот на увозот забележа пад од 2,2 отсто.
– Вредноста на увезениот природен гас во гасовита состојба е намалена за 31,4 отсто во вториот квартал од 2024 година во споредба со истиот квартал од 2023 година, додека обемот е намален за 9,5 отсто. Сличен тренд е забележан и за течниот гас, при што увозот бележи нагло намалување на вредноста за 41,2 отсто и на волуменот за 20,2 отсто – се наведува во последниот извештај на „Евростат“.
Од статистичкиот центар укажуваат дека слични движења се забележуваат и кај нафтените деривати.
– Увозот на нафтени деривати забележа скромни флуктуации. Месечната просечна вредност на увезените нафтени масла е за 1,6 отсто пониска од месечниот просек во 2023 година, додека обемот е намален за 3,6 проценти – нагласуваат статистичарите.

Норвешка и САД клучни снабдувачи со енергија

Анализата на податоците покажува дека во вториот квартал од 2024 година најголем дел од увозот на нафтени продукти во ЕУ дошол од САД, од каде што биле увезени 15,1 отсто од горивата, потоа следуваат Норвешка со 14,1 отсто и Казахстан, кој учествува со 11,7 отсто.
Што се однесува пак до гасот, најголем дел од природниот гас во гасовита состојба доаѓа од Норвешка, и тоа високи 43,5 отсто, по што следува Алжир со 21,6 проценти, па Русија со 15,5 отсто.
САД обезбедија речиси половина од увезениот течен природен гас или 46 отсто, пред Русија со 16,8 проценти и Катар со 11,9 отсто.
Статистичарите утврдиле дека ова не е нова тенденција, туку дека таа била присутна и во претходниот период, поточно ова е тренд што се појавува од 2022 година.
– Учеството на енергетските производи во вкупниот увоз во ЕУ забележа значителни флуктуации, достигнувајќи врв во 2022 година со 22,7 отсто од вкупниот увоз во ЕУ. Потоа следуваше забележителен пад во 2023 година, кој продолжи и во вториот квартал од 2024 година – укажуваат аналитичарите на „Евростат“.
Утврдено е дека увозот на природен гас во гасовита состојба се намалил од 2021 до 2024 година и во вториот квартал од годинава бил за 38,9 отсто помал во однос на вредноста во првиот квартал од 2021 година.
Увозот на течен гас значително се зголеми до вториот квартал на 2023 година, но потоа повторно забележа пад, и вториот квартал од 2024 година имаше пад од 20,2 отсто. Зголемената популарност на течниот природен гас може да се објасни со одредени фактори, како што се леснотијата на транспортот, поголемата ефикасност и почестата употреба во споредба со другите извори на енергија.

Главни доставувачи на нафтени масла, природен гас и на јаглен во ЕУ

Војната во Украина доведе до значителни промени во уделот на главните партнери поради санкциите што ги воведе ЕУ. Русија беше најголемиот снабдувач на нафтени масла за ЕУ во четвртиот квартал од 2021 година, со учество од 24,8 отсто. Во однос на нафтените масла, забраната на ЕУ за увоз по морски пат на руска сурова нафта стапи во сила на 5 декември 2022 година, по што следуваше ембаргото за рафинирани нафтени производи од 5 февруари 2023 година. Поради овие мерки Русија повеќе не е меѓу седумте главни партнери. Последниве месеци најголеми партнери на ЕУ се САД, Норвешка и Казахстан.
И покрај рестрикциите, во вториот квартал од 2024 година во споредба со вториот квартал од 2023 година уделот на Русија во увозот на течен природен гас од ЕУ се зголеми за 4,3 п.п. Притоа, во вториот квартал од 2024 година Русија беше вториот најголем снабдувач на течен природен гас во ЕУ зад Соединетите Американски Држави, покажуваат податоците на „Евростат“. Е.Р.