Интегритет или корупција?

Библијата е наука на умот. Таа нѐ учи како сопствената душа да ја ослободиме од ропството. Ќе кажете каква врска имаат ваквите констатации со насловот? Имаат, затоа што секој човек е и Јехосафат, иако ова име има значење уште во антиката, сепак, толкувајќи го библиски значи божји суд (Јехо на еврејски значи божји, божествен, додека сафат-шафат да судиш). Секому од нас му е дадено морално да се однесува како пред најправедниот судија – Бог. Во името е знакот, тоа е стара мудрост. Јехосафат е името што подразбира цел еден наратив за правда. Имињата носат индивидуални приказни што се пренесувани низ милениумите. Зарем друго значење би имало она на Кант дека „ништо не го возбудува така како ѕвезденото небо над него и моралниот закон во него“. Јехосафат, кој бил крал на Јудеја (споменувана во Стариот завет), бил оној што се борел за правда и правичност, за реформи во тогашното судство, против идолопоклонството и човекот да се врати кон Бога.
Читајќи го Дневникот на кралевите (22, 17-20) гледаме дека Јехосафат влегува во жешка вода (симболизирајќи го длабоко корумпираното општество), а тоа е една мачна битка, која на крајот среќно завршува со помош на божја интервенција, затоа што Бог ги сака праведните и храбрите, оние што го менуваат светот, по примерот на праведното царство небесно. Уште во најстарите времиња било познато дека само со правда и правичност можеме да дојдеме до среќно и хармонично општество. Иако е јасно дека секој човек е и Давид што го убива Голијат, а тоа е оној чин кога секој од нас е повикан да ги убие сопствените егоистични, корумпирани смртни мисли со активна вера.
Овие прастари слики што се содржани во светите книги ни нудат една важна лекција во современото општество. Што се однесува до македонскиот случај, кај нас мораше да се најде една власт што дефинитивно ќе расчисти со корупцијата, а на тој начин покажувајќи дека се грижи за секој граѓанин.
Искрената заложба да се искорени корупцијата во нашето општество веќе носи еден нов оптимистички бран за секого од нас, затоа што во неа лежат сиот пустош на економијата и крајната сиромаштија со која се соочуваме. Ние, некако со една неподнослива леснотија изразувајќи се како Кундера, се навикнавме на корупцијата, па што не поминува со пари, поминува со повеќе пари. Еден обичен граѓанин кај нас досега беше жртва токму на овие угнетувачи што дивееја низ секоја пора на општеството – сѐ им беше се дозволено. А во општество каде што сѐ е дозволено, царуваат иморализмот и беззаконието, односно се брише границата на доброто и злото. Корупцијата е главниот убиец на етичноста во човекот и главниот уништувач на целото демократско општество. А корупцијата никогаш не оди сама туку е во тријадата со криминалот, неслободата и неморалот (или моралот на нихилизмот).

Но, за жал, за т.н. „елита“ чија основна вредност се парите, а која царуваше до вчера кај нас, корупцијата во сегашните политички околности почна интензивно да трпи најголем пораз, можеби откога постои независна Република Македонија. На крајот, да не се лажеме, нас нема да нѐ однесе во Европската Унија никаков билатерален договор со соседите, ниту ќе имаме праведно и богато општество само по себе, туку единствено ако станеме вистински демократска и правна држава, во која корупцијата е сигурно минато.
Изградбата на една нова граѓанска култура – да се почитуваат законите во државата што се хармонизираат со оние на ЕУ мора да стане императив. Искоренувањето на корупцијата значи и силна економија во сите области, фер и демократски права за сите граѓани. Тоа значи и стабилизација на демографските промени, затоа што луѓето во Македонија, особено интелектуалците кај нас тешко ги остваруваат своите права на работното место. Креативните сили исто така. Долго време неталентираните владееја со талентираните и токму поради тоа имавме енормен одлив на шлагот на општеството, а тоа се нашите амбасадори преку културата и уметноста.
Затоа можеби и условувањето на ЕУ кон земјите на Западен Балкан (мораме да кажеме со право), главно фокусирано кон поглавјата 23 (Судство и основните права) и 24 (Правда, внатрешни работи и слободи), е всушност борбата против корупцијата, што е во согласност со Европската конвенција против корупцијата од 2005 година.
За жал, само до вчера поразителни беа бројките за степенот на корупција во Македонија читајќи ги извештаите на Европската комисија, Европскиот парламент и преку други инструменти за следење. Ете, да се биде демократ, да се сака да се влезе во европското семејство треба да се работи на оваа балканско-македонска рак-рана, а тоа е корупцијата. Одиме низ Европа и прво што гледаме чисти градови, сите ги почитуваат законите, сите уживаат права и слободи во сопствената држава, но таквите општества не знаат за корупција, иако тука не зборувам за поединци, туку глобално, како се тие внатрешно и темелно уредени.
Читајќи буквално во извештаите на Европската комисија и на Европскиот парламент и слушајќи од политичарите што доаѓаат од Унијата дека не сме оствариле мерливи резултати, значи токму тоа, дека не сме успеале до сега да се справиме со корупцијата, напротив, таа дивееше претходните минимум седум години. Потврда за ова е и фактот дека пред неколку години државите од Западен Балкан добија и Стратегија за кредибилитет, во која се истакнува нужноста од раскинување на врските на оние што се на власт со криминалните групации. За среќа, во Македонија борбата против корупцијата веќе не е мртов лист хартија, а токму во таа заложба се гледа искрената желба Македонија да стане повторно сигурно и прекрасно место за живеење. Културата на коруптивно подразбирање во општеството сега се урива како кула од карти, затоа што очигледно е дека постои политичка волја за нејзино темелно уништување.

Затоа сега мораме да се свртиме кон долгорочните цели за најефективно искоренување на корупцијата на сите нивоа (локално, национално и регионално), како и вклучување на сите граѓани во донесувањето на одлуките и вклучување на еден некорумпииран невладин сектор.
Со ваквата политичка волја, која зад себе има силна стратегија – како да се искорени корупцијата во нашето (во изградба) демократско општество, (затоа што со корупцијата се поништува демократијата), потребно е и вклучување на сите граѓани активно да учествуваат во оваа стратегија и да стане јасно дека стануваме модерна, европска демократија, во која има нулта степен на толеранција кога станува збор за корупцијата и криминалот.
На крајот, секој човек треба да постави си сам за себе едно важно прашање: интегритет, чест достоинство или корупција?

Мимоза Рајл