Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во резолуцијата се вели дека македонското друштво „Илинден“ – Тирана и македонското национално малцинство во Албанија бараат од Владата на Албанија досегашниот Комитет за национални малцинства од консултативно тело на Владата да прерасне во агенција за национални малцинства со посериозни и обврзувачки ингеренции за афирмација на националните малцинства во Албанија

ФУЕН изгласа резолуција поднесена од „Илинден“ – Тирана

Федералната унија на европски националности (ФУЕН) усвои резолуција со која од албанските институции се бара промена на сегашниот Комитет за национални малцинства од консултативно тело во независна агенција на националните малцинства, која ќе има посериозни и обврзувачки надлежности за ги афирмира националните малцинства во Албанија.
Во резолуцијата се вели дека македонското друштво „Илинден“ – Тирана и македонското национално малцинство во Албанија бараат од Владата на Албанија досегашниот Комитет за национални малцинства од консултативно тело на Владата да прерасне во агенција за национални малцинства со посериозни и обврзувачки ингеренции за афирмација на националните малцинства во Албанија. Комитетот за национални малцинства е формиран во 2004 година од страна на албанската влада, како централна институција со задача да ја подобри заштитата на малцинствата во земјата. Како што е утврдено во многу извештаи на меѓународни институции што се занимаваат со правата на малцинствата, оваа институција е подложна на политичко мешање, што резултира со нејзина целосна контрола од извршната власт и нејзина трансформација од тело за заштита на малцинствата, во тело штетно за дијалогот меѓу Владата и малцинствата.
– Затоа, сметаме дека Комитетот за национални малцинства треба да биде независен и активен глас на малцинствата, со способност да учествува во дијалог со Владата за заштита и подобрување на правата на малцинствата во Република Албанија, а неговата работа да биде јавна и присутна на медиумите во државата – се вели во резолуцијата.
ФУЕН упати повик до Владата на Албанија: „Размислете за промена на сегашниот Комитет за национални малцинства од консултативно тело во независна агенција на националните малцинства, која ќе има посериозни и обврзувачки надлежности за ги афирмира националните малцинства во Република Албанија“.
ФУЕН ќе ја достави резолуцијата до Владата на Албанија, шефот на државата, парламентот, комитетот за национални малцинства, комесарот за дискриминација, амбасадите и до меѓународните институции. Д.Ст.


Претседателот на „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај,
учествуваше на 68. конгрес на ФУЕН

Разменети мислења за политиката на малцинствата

Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, учествуваше на 68-от конгрес на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), кој се одржа во Хусум, Германија, во изминатите три дена. Присутни беа околу 30 земји членки на ФУЕН и беа разменети мислења за актуелните случувања во политиката на малцинствата. Македонското друштво со свои претставници веќе девет години, откога е рамноправна членка на ФУЕН, редовно учествува на сите конгреси и други активности. Присутните од 30 земји и 100 организации членки на ФУЕН разменија мислења за актуелните случувања во политиката на малцинствата.
Никола Ѓурѓај за време на конгресот оствари средби со Лорант Винце, претседател на ФУЕН и пратеник во Европскиот парламент, Наби Ибраимтзик, потпретседател на ФУЕН, претседателот на работната група на словенски малцинства (АГСМ), Хартмунт Липнер. Исто така, имаше средба со Јеан Фаивре, претставник на Алсатианс, германско говорно население од францускиот регион Алзас, со Дејан Чулафиќ, директор на Заедницата на Црногорците во Албанија, како и со Наталиа Ермаков, претседателка на Естонскиот сојуз на национални малцинства.
Во рамките на активностите на овој значаен собир, со свој штанд се претстави и македонското друштво „Илинден“ – Тирана. Имаше пропаганден материјал на кој беа претставени македонските носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од единствениот весник на македонски јазик „Илинден“.
– Искрен да бидам, штандот побуди голем интерес кај учесниците, кои го посетија во голем број, истовремено нѐ посети и Винче Лорант, претседател на ФУЕН – изјави Никола Ѓурѓај. Д.Ст.


Повик за европска правна рамка за заштита и промоција на малцинствата

Оваа година, ФУЕН уште еднаш усвои сеопфатна главна резолуција на своето собрание на делегати, кое се одржа на 21 септември во Хусум, Германија. Ова бара развој на европска правна рамка за заштита и промоција на автохтоните национални малцинства. Во резолуцијата се наведува: „Ситуацијата на неколку автохтони национални и јазични малцинства во светот, а особено во Европа, се влошува, со загрижувачки пад на заштитата на малцинствата. На 3-4 март во Брисел, конференцијата препорача ФУЕН да се залага за сеопфатна правна рамка на ЕУ со јасни стандарди за заштита за ефективно да се заштитат и промовираат правата на националните и јазичните малцинства, вклучувајќи ги и нивната култура, јазик и идентитет, и да започне нов форум за соработка на граѓанските организации фокусиран на малцинските права“.
ФУЕН повикува на создавање сеопфатна правна рамка на ЕУ за заштита и промоција на автохтоните национални малцинства. Ова треба да воспостави хармонизиран европски стандард што ги штити и колективните и индивидуалните права на малцинствата, особено во однос на нивната култура, јазик и идентитет. Малцинствата треба да бидат способни да дејствуваат како еднакви граѓани во сите области од животот. Културната и јазичната разновидност на овие малцинства се истакнува како суштински дел од европскиот начин на живот, кој мора активно да се поддржува. ФУЕН, исто така, бара од Европската комисија да ја преиспита иницијативата за малцински безбедносен пакет. Комисијата е повикана да развие европска стратегија и правни мерки врз основа на МСПИ. Дополнително, ЕК треба да формира советодавно тело што ќе обезбедува стручни совети за креирање политики и спроведување на законодавството на ЕУ што се однесува на автохтоните национални малцинства во ЕУ и нејзиното соседство. Д.Ст.